Испечати

Тесто за лепињи

Тесто за лепињи

Состојки

  • 200 мл млеко
  • 200 мл кисела вода
  • 1 свеж квасец
  • 2 лажички шеќер
  • 2 лажички сол
  • 800 гр брашно (отприлика)
  • 3 лажички масло

Подготовка

Ова тесто е универзално, го користам често и тоа не само за лепињи, туку и за пица, за пржени питулици и сл. Го правам, а ако нема потреба да се искористи цело, тогаш другиот дел го чувам во фрижидер и го ваѓам по потреба.
Најпрво ставете го квасецот во топлото млеко, шеќерот и 2 лажици брашно да скисни. Потоа ставете ги и другите состојки и направете мазно, не многу јако тесто, кое нема да се лепи. Ако правите лепињи, поделете го на топчиња со големина на тениско топче. Оставете ги десетина минути да се одмори тестото. Потоа на набрашнета површина расучете ги со големина на едно мало тањирче и оставете ги настрана половина час. За тоа време вклучете ја рерната на 250 степени и во неа ставете го и плехот во кој ќе ги печите и тој да се загрева.
Кога ќе се достигне температурата, извадете го плехот и ставајте по две лепињи да се печат. Печењето оди брзо, можеби 5-6 мин. и за тоа време не ја отворајте рерната. Тие во печењето ќе се подујат и ќе добијат убава боја. Извадете ги, покријте ги со крпа и ставете нови да се печат.
Наполнете ги со што сакате, ние најчесто ги користиме кога правиме ќебапчиња, плескавици, ставете им салата, кромитче и уживајте со ладно пивце.
Ако го чувате тестото во фрижидер, тогаш задолжително пред употреба извадете го половина час порано, па потоа правете ги лепињите.