Тостирани палачинки
Состојки
- 10 палачинки
- 10 лажички мајонез
- 10 лажици кечап
- 10 парчиња салама
- 10 парчиња кашкавал
- малку оригано и печурки
Подготовка
Повремено купиваме готови палачинки, кои според мене и не се баш палачинки штом се во посна верзија и дома најчесто ги јадат мачкани со Нутела. Но, кога нема да се изедат на време и ќе одстојат ден-два, веќе не се така убави како пресни. Па ова е еден начин како да се искористат, да не се фрлат, а да бидат вкусни исто како тогаш да се правени.
Мерките се произволни, секако можите да си ги прилагодите на свој вкус.
Исто така, можите да ги направите и во блага верзија, полнети со пасирана банана и неколку лажици Нутела. Кај нас Нутелата се потроши, па ви ја презентирам само солената верзија.
Кашкавалот и саламата изрендајте ги, а печурките исецкајте ги. Секоја палачинка се премачкува со мајонез, врз неа се става од ренаданиот кашкавал и салама, па од печурките, се посипува со малку оригано и најгоре се попрскува со кечап. Се преклопува прво од една страна, да дојди како правоаголник, па потоа од спротивните страни, да дојди како коцка. Се става во загреан тостер околу половина минута, колку да се стопи кашкавалот. Одозгора можи да ги попрскате со кечап и рендан кашкавал, но и не мора. Служете го топли.
Секако под поимот салама, влегуваат било кои месни производи кои ви одговараат спрема вкусот или тоа што имате во фрижидерот (посебна, шунка, алпска, кулен, сланина...)