Испечати

Мусака од карфиол и брокула

Мусака од карфиол и брокула

Состојки

  • За варење
  • 1 литар млеко
  • 400 гр. карфиол
  • 400 гр. брокула
  • пола литар вода
  • Фил
  • 350 гр мелено месо
  • 1 главица кромид
  • 1 рака магдонос
  • 1 лажиче црвен пипер,вегета и оригано
  • по вкус сол и црн бибер
  • За прелив
  • 3 јајца
  • малку млеко од варењето
  • по вкус сол
  • За супа
  • 20-30 гр. ориз
  • 1 морков
  • 1 коцка за супа

Подготовка

Во подлабоко тенџере сипете го млекото и ставете го на умерен оган да зоврие.
Во меѓувреме, карфиолот и брокулата исчистете ги и разделете ги на помали цветчиња.

Кога ќе забележите дека млекото почнало да врие ставете го најпрво карфиолот и варете 20 минути, а потоа додате ја и брокулата. Дополнете со топла вода за да биде убаво покриено со течност. Мене ми беше потребно околу пола литар. Варете уште само 10 минути.
Подолго време на варење само ќе ги смекне непотребно, а потоа треба да одат и на дополнително печење. Тоа секогаш имајте го во предвид.

Во млекото НИКАКО не ставајте сол или друг зачин што содржи во себе сол, бидејќи ќе го претворите во урда.
Сварените карфиол и брокула извадете ги од тенџерето во некој друг сад. Нема потреба да се цедат, а млекото зачувајте го за понатаму.

На загреано масло пропржете го кромидот и откако ќе смекне ставете го меленото месо. Пржете уште некое време и зачинете со вегета, оригано, црн бибер, црвен пипер ,посолете по вкус и промешајте ја смесата убаво. На крај исклучете ја ринглата и додајте го сецканиот магдонос. Промешајте уште неколку пати дури тавата стои на топлата рингла.
Значи нема потреба од премногу долго пржење.

Оригинално во рецептот во филот се додава и ориз, но јас најчесто не ставам. Ако сакате можете да го додадете и него, околу 50 гр. Пржете го со кромидот и месото заедно.

Откако се ќе биде спремно, во тавче ставете пола количина од карфиолот и брокулата и распоредете ја убаво. Над неа нанесете го филот и покријте со преостанатата количина. Залејте ја мусаката со млекото, но не премногу, колку да дојде до филот, за да се довари месото убаво. Нормално ако користите и ориз во филот треба да ставите и поголема количина на млеко.

Печете во загреана рерна на 200 степени 10 минути, а потоа намалете на 180 степени и печете не повеќе од 50 минути. Најдобро е да проверите дали е сварен оризот или месото, а ако рерната Ви е појака времето на печење ќе биде и пократко.

Пред крај изматете ги јајцата со малку млеко и сол, прелејте преку мусаката, печете уште 5 минути и јадењето е готово.

Како што прочитавте млекото буквално се употребува во секој чекор,па на крај преостанатото млеко ќе го употребиме и за вкусна супа.

Во него додајте крупно рендан морков и ориз и варете дури оризот да смекне.Потоа ставете коцка за супа или ако немате може и нешто по Ваш вкус.Количината на супа може да ја регулирате со додавање на дополнително количество вода,ако на крај млекото што преостанало не е доволно за сите јадачи.

Ете,со еден удар,вкусни јадење и предјадење.

Пријатен апетит!!!