Испечати

Бугаца

Бугаца

Состојки

  • 6 листа готови кори
  • 1 литар млеко
  • 250 гр шеќер
  • 250 гр гриз
  • 4 јајца
  • 1 кора од лимон
  • 1 ампула ванила или 1 лажичка ванилин екстракт
  • 100 гр стопен маргарин

Подготовка

Бугаца е грчка посластица која најмногу е застапена во Солунскиот регион. Одличен десерт за летните денови велат, но јас тврдам дека и во зима исто така солидно се вклопува.

Ставете го млекото да се вари.
Во меѓувреме пенасто изматете ги јајцата со шеќерот.
Кога млекото ќе дојди пред точката на вриење, додадете ги изматените јајца и варете мешајќи 2-3 мин.
Во меѓувреме додајте го и гризот кој сте го раствориле со мал дел од млекото (за да не се ствараат грудчиња, или директно и постепено додавајте го) и со непрекинато мешање варете додека не се стегни смесата.
Тргнете од оган и додадете ги ванилата и ренданата кора од лимон. Измешајте.

Во подмачкана тава 20х30 или кружна 28 наредете 3 листа од готовите кори, секоја премачкувајќи ја со стопениот маргарин. Потоа, ставете го филот над нив и убаво израмнете. Над филот по иста постапка наредете ги и преостанатите 3 кори.
Печете на 170 степени додека одозгора не се добие убава боја. Кај мене требаше 20на мин.
Извадете ја тавата од рерна, пошеќерете одозгора со шеќер во прав и оставете убаво да се излади во фрижидер. Најубаво е ако се направи од вечер и се јади другиот ден.