Мини чоколадни тортици
Состојки
- За тесто
- 6 јајца
- 180 гр ситен шеќер
- 150 гр брашно
- 30 гр какао
- 2 кесички ванилин шеќер
- За чоколаден фил
- 200 мл слатка павлака со 35 % м.м.
- 200 гр темно чоколадо со 63 % какао
- 25 гр путер на собна температура
- 2 лажици ликер од портокали
- За натопување на корите
- 150 мл сируп од слатко
- 3 лажици ликер од портокали
- За марципан слој
- 250 гр готов марципан + 1 лажица мармалад од кајсии
- За глазура
- 100 гр путер
- 130 гр шеќер
- 80 гр какао
- 150 мл млеко
- 1 лист (2 гр) желатин
- За декорирање
- 50 гр темно чоколадо
- 150 гр чоколадни лушпи
- малку желе од лимон или портокал
Подготовка
По желба на син ми, за 29. Јануари, ден на чоколадните торти.
Загрејте ја рерната на 170 Ц. На правоаголен калап за печење со големина 28 на 20 цм ставете хартија за печење.
Во еден мал сад измешајте ги брашното и какаото.
Во голем сад изматете ги јајцата со шеќерот и ванилин шеќерот, додека не го утростручат волуменот и не добиете сосема светла пена. Просејте го во јајцата брашното, малку по малку и внимателно измешајте со лажица да се соедини. Истурете ја смесата во калапот и печете ја 20 - 25 мин. Малку нека се олади во калапот, па превртете ја кората на жица и оладете ја до крај.
За филот, во еден среден сад искршете го чоколадото на ситни парчиња. Слатката павлака загрејте ја скоро до вриење, па истурете ја врз чоколадото. Нека одстои неколку минути и измешајте ја додека чоколадото не се растопи. Додајте го путерот, измешајте да се соедини, па додајте го и ликерот од портокали и пак измешајте. Нека се олади, па изметете го со миксер да добиете воздушеста чоколадна пена. Нека стои на собна температура.
Сирупот од слатко измешајте го со ликерот од портокали. Ако е премногу густ, разредете го со малку вода.
Кората пресечете ја хоризонтално во два слоја. Со прстени за тортички со пречник 10 цм исечете барем 18 кругови, за 6 тортички. Јас исеков за 8, ама дел од круговите беа составувани.
Размесете го марципанот да омекне, расучете го во кора и извадете со истите прстени кругови, толку на број колку што тортички ќе правите.
На дното на секој прстен ставете по еден круг тесто. Натопете го со сируп. Распоредете го чоколадниот фил подеднакво и измазнете ја површината. Ставете уште по еден круг тесто, кој исто ќе го натопите со сируп. Одозгора ставете по еден круг марципан. На горната површина од марципанот ставете сосема малку мармалад од касија, само да стани леплив. Одозгора ставете ги последните кругови тесто и нив малку натопете ги со сируп. Оставете ги сите тортици во фрижидер да се ладат додека да ја подготвите глазурата.
За глазурата ставете го листот желатин да набубри во ладна вода. Во едно мало тенџерче на среден оган загревајте ги путерот, шеќерот, какаото и млекото со постојано мешање додека не стани сосема мазно и целиот шеќер не се растопи. Додејте го исцедениот желатин, измешајте да се растопи, па тргнете од оган и снажно мешајте 5 минути додека не добиете сјајна глазура. Оставете ја да се олади и згусне. Можеби ќе треба и во фрижидер малку да постои со повремено мешање за да стани погодна за глазирање.
За чоколадните украси растопете го чоколадото и ставете го во кесичка. Мала оклагија обложете ја со хартија за печење. Одсечете го врвот на кесичката и со проладеното чоколадо нанесете линии на хартијата кои додека се ладат ќе се зацврстат како непотполни прстени заради формата на оклагијата. Ставете во фрижидер да се стврдни чоколадото.
Извадете ги тортиците од прстените. Одозгора и од страните прелијте ги со глазура. Страниците налепете ги со чоколадни лушпи.
Извадете ја оклагијата, хартијата ќе се собере и сама ќе се одлепи од украсите. Наредете ги врз тортичките и додадете малку желе од лимон или портокал.
Чувајте ги во фрижидер, ама пред послужување донесете ги на собна температура.