Калцони
Состојки
- Тесто
- 600 гр. брашно
- 25 гр,. квасец
- 100 гр. кисела павлака
- 120 мл. млака вода
- 120 мл. млако пресно млеко
- 60 мл. зејтин
- по 1.1/2 лажичка сол и шекер
- 1 белка од јајце
- ФИЛ 1
- 100 гр. маслинки
- 120 гр. сирење
- ФИЛ 2
- 1 главица кромид
- 2 компира
- по вкус сол и црн пипер
- Фил 3
- 150 гр. мелено месо
- 1 помала главица кромид
- околу 100 гр. кашкавал - гауда
- околу 200 мл. сос од домати
- по вкус оригано, сол и црн пипер
- За премачкување и посипување
- 1 жолчка
- 1 лажица зејтин
- по ваш избор чурекот, сусам, или микс на семиња
Подготовка
Ова денешните Калцони или Панцероти, тестото е меко како душа, лесно за работа. Филови кои сакате тие ставете ги, јас денеска само со фил од компир и маслинки ги полнев. Користев само чурекот.
Постапка за тестото
1. Измешајте ги млекото и водата кои секако се млаки, додадете квасецот и шеќерот. Нека се раствори и запени.
2. Во брашното додајте ја солта, павлаката и белката, со веке запенетиот квасец замесете го тестото, а домесете со зејтинот. Може да се работи и со рака и со миксер. (многу пати напишав овде, ако се нема од оној миксер за тесто, само сменете им ги местата на спиралните додатоци од обичниот миксер, да бидат обратно поставени).
3. Оставете да стаса околу 15 мин.
4. Стасаното тесто премесете го и поделете го на еднакви делови, направете топчиња и оставете ги да мируваат околу 10 минути. Со рака се сплескува секое топче, се става по 2 лажици од филот, се преклопуваат, можете со вилушка да го стиснете работ или со рака
5. Се премачкуваат со одделената жолчка која сте ја лесно сматиле со зејтинот. Посипувате со семе по ваш избор.
6. Не се чекаат повторно да стасува, се стават веднаш да се печат во веке загреана рерна на 220 степени најмногу 20 мин.
Постапка за филовите
Фил1 - изгмечето го сирењето и измешајте заедно со исечканите маслинки.
Фил 2- Сварете го компирот во лушпа, излупете и испасиратје. Во него додадете го испржениот кромид, посолете, додадете црнпипер- измешајте.
Фил 3 - Во касеролата испржете го месото, додадете го и кромидот, допржете, малку посолете и ставите црн пипер. Сосот од доматите нека проврие заедно со ориганото и малку црн пипер. Од овој фил ако одлучите да ставите... тогаш прво премачкајте ја едната половина од добиената кора за калцонето со сосот од домати, врз него ставете месото и наренданиот кашкавал. Со другата половина од кората преклопете и затворете.
Нека ви е слатко!
Забелешка
- Филот со маслинки за мене во овие калцони ми е најдобар, но нели за вкусови не разговараме... секогаш излегува да ги правам со разни полнења. Денес само со филот од маслинките и компирот.
- Едни затварав со вилушка, а едни ги затварав малку другачие и не би можела да ви објаснам... не можев да сликам оти нели рацете ми се зафатени со тесто. Доколку ја имате онаа справичка за панцероти, тогаш уште полесно ќе ви биде да ги спремате. Сукате од целото тесто подебела кора, ги сечите со тој калап, ги ставате на внатрешниот дел од калапот, ставете фил, преклопете го калапот и тој ќе ја затвори добро и плус ќе придонесе за убавината на работ. Јас имам, но се малецки, а панцеротите или калцонето ги правам поголеми.