Потпечени редени питулици (со сирење или со лук и орев)
Состојки
- околу 25 питулици
- За со сирење
- 200 гр козјо сирење
- 100 гр изварка (урда)
- 2 чаши жешка вода
- 1/2 чаша масло
- За со лук и орев
- 2 чаши жешка вода
- 1/2 чаша масло
- 4 чешниња лук
- по вкус сол
- околу 100 гр мелени ореви
Подготовка
Намастете и набрашнете една тркалезна тепсија.
Земете питулица, свиткајте ја на 2 пати, како четвртинка. Краевите убаво намакајте ги во мешавината од вода и масло, а потоа кратко намакајте ја целата.
Отворете ја целосно и поставете ја до крајот а тепсијата.
Козјото сирење испасирајте го, нарендајте го или издробете го, како ви е по волја и измешајте го со изварката. Секоја редена питулица премачкајте или наросете ја. Велам, премачкајте, затоа што ова сирење во комбинација со изварката кај мене беше многу кремасто, па не даваше да се ренда или дроби. Јас премачкував.
Повторете ја постапката така со сите питулици, редејќи ги лепезесто во тепсијата.
Кога ќе завршите, одозгора премачкајте целосно со сирењето, исечете ги на осминки и печете во загреана рерна од 200 степени околу 10 мин. Одозгора треба да се гледа дека се потпекле.
Втората варијанта е да ги спремите место со сирење, со лук.
Во овој случај, лукот пенасто се толчи, се додава сол, маслото и водата и во оваа мешавина ги макаме питулиците, а наместо со сирење, се поросуваат со мелен орев.
Забелешка
Чаша е провизорна мерка. Додека ги намакувате, внимавајте водата да е доволно топла, односно жешка колку што можи да трпи раката.
Јавна благодарност на мојата комшивка, тетка Г која ме научи да го спремам овој убав тредиционален македонски специјалитет. Ние уживавме дури и со реприза.