Испечати

Питулици (бадникови)

Питулици (бадникови)

Состојки

  • 1/2 кг брашно
  • 1/2л вода
  • 1 лажиче сол

Подготовка

Предговор
Многу мина мешаат поим питулици и палачинки и апсолутно грешат. Затоа и се решив да го поставам рецептот кој не содржи точни мерки, но сепак е едно многу вкусно и ценето македонско јадење.

Питулиците се посни и составот е исклучиво од горе наведените состојки, додека палачинките освен во основата со јајца, шеќер, повеќето со млеко можат да имаат и многу варијации и додатоци. Друга разлика е што питулиците се многу потенки од палачинките, како лист од хартија да речиме... Трета разлика, вкусот на едните и другите е многу различен и јас лично, питулица никогаш не би јадела во блага верзија...за тоа постојат палачинките, кои освен во блага пак, одлични се и во солена верзија. Единствено заедничко што би можеле да се сложиме сите е само формата и сличниот начин на подготовка. Кога сме кај ова второто, ќе кажам уште еден факт кој ги прави питулиците посебни од палачинките, а тоа е што начинот на печење во тавчето е многу потежок поради самиот состав.
Мајка ми е експет за вакви питулици, а овие се мојот втор обид. Првиот пат за малку и тавчето да завршеше во кантата за отпадоци, но се спаси, бидејќи се откажав од првите 2 – се се испоИЗлепи )). Овој пат ме спаси Делимано тавата. Не дека како почетник немав проблемчиња, но брзо се санираа и со радост можам да кажам дека конечно успеав! И тоа без намера, случајно...или пак, едноставно имав среќа...

Мерките во составот се провизорни. Тука не се мери, посебно не почетник како мене. Нормална доза за старт е пола кило брашно, а за малку повеќе, терајте и до кило. Водата по претпоставка се додава иста количина, но тука е мерката „од око“. Треба да се добие течност поретка од онаа за палачинки, нешто како течен јогурт или онаа густина на кравјото необработено млеко. Се печат на тавче од двете страни, или се уште поубави ако имате шпорет на дрва па на понезагреаната плоча ги допекувате директно на неа. Со текот на правењето, доколку се згусни течноста се дотура по малку вода.
Готовите питулици можите да ги приготвите со макало од лук, масло, сол и топла вода, како во овој случај. Ги намакувате и ги ролате, па редите во поголема чинија. Или со сирење, или... ;)