Божиќна пача
Состојки
- 2 свински нозе
- 2 свинску уши
- 1 подколеница
- 1 свински јазик
- малку месо-кртина
- 1-2 ловорови листови
- 50-100 мл. јаболков или вински оцет - зависи од јачината
- 1 помала главица лук и кромид
- малку бибер во зрна
- на вкус сол
Подготовка
Пача се спрема на најмногу и најразлични начини, некаде се нарекува Пифтија, некаде Аспик, Хладетина.. и т.н.
Кај нас во нашиот регион се спрема за Божиќ пача и се служи за мезе.
1. Најрпвин измијте го месото и ставете во ладна вода, нека проврие. Истурете ја таа вода, измијте го месото и тенџерето и повторно ставете да се вари. Залијте го со вода така да таа е 3-4 см, над месото. Додадете ги биберот, ловорот. Кога ќе проврие, намалете ја температурата на огнот, нека се на тивко вари околу околу 3 часа. Пред самиот крај ставете го кромидот и морковот.
2. Кога месото е сварено, извадете, искостете и насецкајте. Насецкајте го и морковот.
3. Водата малку нека вари, треба да е бела и густа, нека олади и прецедете.
4. Излупете го лукот и истолчете заедно со уште малку сол, додадете во водата. Со оваа сол фактички ја досолувате пачата.
5. Распоредете го месото во садовите кои сте ги спремале, исто така и морковот кој ќе ви послужи за декорирање, залијте со спреманата вода или течност, како сакате, оставете да желираат.
Забелешка
- Кога и да се вари месото за пача, не се долева одпосле вода.
- На носечката фотографија ќе забележите дека бојата е малку различна , ова поради тоа што ја поделив водата на два дела и во едниот ставив измиени лушпи од црвен кромид и оставив уште малку време водата да врие.
- Можете да си додадете и зачини кои вие ги обожавате, исто така и корен од магданос, пашканат, целер, а многупати се додаваат и варени јајца, грашок, корнишон, но јас ја обожавам оваква каква што ја спремив по нашиот традиционален начин.
- Поголемиот дел од пачата ја ставив во Делимано кугловот, без проблем со самото превртување пачата излезе од куговот.