Леб со сусам (од машина)
Состојки
- 400 гр брашно
- 2 лажици ржано интегрално брашно
- 2 лажици пченично интегрално брашно
- 2 лажици јачменово интегрално брашно
- 2 лажици пченични трици
- 1 пакетче сув квасец (или 1 свеж)
- 1 мало лажиче шеќер
- 1 мало лажиче сол
- 250 мл млака вода
- 3 лажици потпечен сусам
- 4 лажици масло
Подготовка
Ако нешто најмногу сакам да приготвувам во кујната, тоа е лебот, можеби тестото воопшто. Сакам овде да дадам некои совети, кои ако некому помогнат да направи добро тесто, а со тоа и добар леб или кифла сеедно, мене ќе ми биде големо задоволство.
1. Најдобро е тестото да го месите „премногу долго“, отколку „премногу кратко“.
2. За да бидете сигурни дека тестото правилно ќе се „кренe“, морате да го измесите додека не станe еластична маса. Флексибилното тесто секогаш е подобро од тврдото.
3. Кога тестото доволно ќе нарасне, веднаш ставете го во загреана рерна.
4. Кората ќе биде убава и крцкава ако пред крајот на печењето лепчето го намачкате со малку вода. Ако го намачкате со млеко, ќе добие посебен сјај. Ако го намачкате со жолчка, ќе добие смеѓа боја.
5. Ако сакате да проверите дали лебот е печен, чукнете го по долната или горната површина. Ако звукот кој го дава е шуплив, лебот е печен, ако не е, вратете го да се допече.
Ќе има уште совети, ама нив ќе ги оставам за понатаму. А сега во врска со овај леб.
Јас овојпат го подготвив во машината за леб, а вие ако немате машина слободно измесете го рачно па испечете го во некој соодветен калап.
- Сусамот пропржете го на сува тава да добие убава боја.
- Ако го подготвувате во машина ставете ги состојките спрема тоа како бара машината, влажни па суви, или обратно.
- Ако го месите рачно, измешајте го брашното со сувиот квасец, додајте шеќер, сол, вода и масло и убааааво измесете го. Сусамот ставете го во тестото и продолжете со месење. Покријте го тестото и ставете го на топло да скисне, да се дуплира во волумен.
- Многу малку премесете го и ставете го калап за печење па пак оставете го на топло уште еднаш да се дуплира.
- Површината можете да ја премачкате со вода и посипете со сусам. Лепчето печете го на 200 Ц.