Испечати

Сникерс плочки

Сникерс плочки

Состојки

  • За подлога
  • 135 гр Француски кекси (феуиллетине ), или корн флејкс или Гран Череали кранч
  • 300 гр путер од кикирики
  • 155 гр растопено млечно чоколадо
  • За нугат
  • 50 гр белка од јајце
  • 5 гр шеќер во прав
  • 110 гр мед
  • 400 гр шеќер
  • 85 гр течна гликоза или пченкарен сируп
  • 150 гр вода
  • 200 гр пржени солени кикирики, сецкани
  • За пена од млечно чоколадо
  • 120 гр павлака за готвење со 20% млечна маст
  • 10 гр шеќер
  • 2 жолчки
  • 4 гр желатин
  • 250 гр млечно чоколадо, ситно исецкано
  • 200 гр слатка павлака со најмалку 35 % млечна маст студена од фрижидер
  • За крем од солен карамел
  • 360 гр слатка павлака со најмалку 35 % мм
  • 1 ванила
  • 90 гр шеќер
  • 120 гр жолчки од јајце
  • 3 гр желатин
  • 1 гр чиста морска сол
  • За глазура
  • 200 гр чоколадо со 54% какао
  • 200 гр павлака за готвење со 20 % млечна маст

Подготовка

Овој рецепт воопшто немав намера да го пишувам...
Премногу состојки и чекори на подготовка, се премногу....
Башка, немав материјал за сликање, колачот отиде на средбата, дома останаа само мали крајчина...
Ама Лиле и Бети се многу упорни, и еве за нив...
Тие кои го пробаа веќе знаат, а за тие кои немаа веќе место, ќе направам пак...
Да напоменам од почеток, за да се направи нугатот успешно, треба термометар за шеќер и стоечки миксер... Всушност мене ми треба, за тие кои си прават -по осет-, знаат како...

На подлабок калап со големина 30 на 30 цм ставете хартија за печење, со издигнати рабови.
Изронете ги кексите и матете ги со путерот од кикирики додека не се претвори во паста. Додајте го стопеното чоколадо, измешајте и распоредете ја смесата на подготвениот калап во воедначен слој. Оставете во фрижидер.
Во едно помало тенџерче измешајте ги водата, шеќерот и течната гликоза. Ставете го термометарот и варете без мешање додека не постигни температура од 130 Ц.
Медот во мало тенџерче ставете го на рингла и доведете го скоро до вриење.
За тоа време во стоечкиот миксер ставете ги белките, количината е малку повеке од една белка, разматете да се запени, па додајте го шеќерот во прав и продолжете да матите со голема брзина. Сипете го врелиот мед во тенок млаз во белките матејки на голема брзина.
Штом сирупот ќе ја достигне температурата намалете ја брзината на матење на миксерот и во тенок млаз истурајте го сирупот во белките додека целиот не се потроши. Продолжете да матите со голема брзина додека добиената густа сјајна пена малку не подолади, да биде млака на допир.
Исклучете го миксерот, додајте ги исецканите кикирики, брзо измешајте со шпатула и истурете го нугатот врз подлогата во калапот. Измазнете ја површината и вратете го во фрижидер. Ова се треба брзо да се прави, зошто нугатот ќе се стврдне и не може да се израмни.
Издишете.....
За пената од млечно чоколадо ставете го желатинот во ладна вода да набубри.
Во еден средно голем сад ставете го исецканото чоколадо.
Во мал сад изматете ги жолчките со шеќерот во светла пена.
Павлаката за готвење со 20% мм донесете ја на рингла до вриење и сипете ја стално мешајки со жица во садот со жолчките. Вратете ја содржината на оган и мешајте со жица една минута. Тргнете од оган, додајте го набубрениот желатин и многу добро измешајте.
Процедете ја жешката смеса над чоколадото и одкако ке отстои минута - две измешајте додека цело чоколадо не се растопи. Оставете да се олади.
Во поголем сад изматете ја со миксер слатката павлака додека не добиете цврста крема. Не ја прематувајте. Внимателно со жица измешајте ја со оладениот чоколаден крем.
Истурете ја пената од млечно чоколадо врз нугатот во калапот и вратете во фрижидер.
За кремот од солен карамел ставете ја слатката павлака да се грее на тивок оган.
Желатинот ставете го да набубри во малку ладна вода.
Во мало тенџерче направете сув карамел од 90 гр шеќер, внимателно врз карамелот сипете ја загреаната павлака мешајки. Ќе пени доста, ама мешајте на тивок оган додека не се растопи целиот карамел.
Во мал сад изматете ги жолчките, мешајки додајте го врелиот карамел, па вратете на оган и варете 1 мин. Додајте го набубрениот желатин, мешајте сосема да се растопи, додајте ја солта, измешајте и процедете го кремот врз пената од млечно чоколадо во калапот.
Оставете во фрижидер.

За глазурата чоколадото исецкајте го и ставете го во еден мал сад. Павлаката за готвење донесете ја скоро до вриење, прелијте ја врз чоколадото и оставете да отстои минуте - две.
Измешајте да стане мазно и истурете преку кремот од карамел. Вратете во фрижидер и оставете добро да се олади.
Сечете другиот ден, со врел нож зошто нугатот е поцврст од кремот.
Може и да се чува во замрзнувач.
Јас повеке се уморив пишувајки отколку кога го правев...