Резанци од зелка со ориз
Состојки
- 1 голема зелка
- 50-100 гр ориз
- неколку лажици доматно пире,кечап или доматен сос
- 1-2 лажичиња црвен пипер
- 1-2 благи или лути везени пиперки
- 1 лажиче оригано
- 1 лажиче кумин
- малку црвен бибер во зрна
Подготовка
1. Внимателно извадете ги листовите од зелката, за да останат цели. Ставете ги во подлабок сад, прелијте ги со врела солена вода, потиснете ги со нешто тешко и оставте ги така покриени да одстојат барем 1 час.
2. По изминатото време, извадете ги од солената вода, оставете да се исцедат малку и исечете ги на што подолги ленти, а широки околу 3см.
3. Откако ќе бидат исечени листовите, еден дел наредете во тенџере, одозгора ставете половина од оризот. Потоа додајте ја целата количина на кечап, доматен сос или пире (што ви се наоѓа по дома тоа), зрната црвен бибер и куминот.
Ставете го над него вториот слој од резанките и додадете го остатокот од оризот. Ставете ги и црвениот пипер и ориганото.
Најгоре ставете го последниот слој од резанките и врз него исецкајте ги везените пиперки, посолете по вкус и ставете зејтин.
4. Целата смеса во тенџерето со помош на чинија (метална,порцеланска) притиснете ја убаво и полека налевајте вода колку да дојде до работ од чинијата. Не ставајте премногу, па да плива целото јадење. Ако сметате дека има потреба за уште вода, додадете при самото варење.
Јас за оваа постапка користам еден стар метален капак, што може да го видите подолу на сликата.
Тенџерето покриено ставете го да крчка на умерен оган.
Готово е кога ќе се свари оризот.
По желба,овој рецепт може да се направи со мелено месо, месо исецкано на коцкички, но и со ребра, свежи или пушени.
Знаете дека тоа се добитни комбинации!
На здравје!