Испечати

ЛилјанаИлиева, кај неа сите сложени рецепти изгледаат лесни како песна

ЛилјанаИлиева, кај неа сите сложени рецепти изгледаат лесни како песна

Разгледувајќи ги рецептите на Лилјана, се полните со ентузијазам и енергија за готвење, па се подготвувате да се преобразите во голем кулинарски мајстор.

Тука, во нејзина изведба, може да се видат најразлични традиционални рецепти, рецепти за кои сте чуле, но не сте ги знаеле, како и познати интернационални рецепти кои сте сакале да ги подготвите, но не сте знаеле како да ги адаптирате на локалните состојки. Потоа ќе ги видите сервирањето и декорацијата кои го заокружуваат рецептот – можеби се сложени, но описот вели: Да, и јас тоа можам лесно да го направам!

И сето тоа одново кај повеќе од 140 нејзини рецепти!

Која е тајната? Ние заклучивме дека способноста да се пренесе знаењето на толку едноставен начин, покрај што е нејзина особина, е поттикната и од самата огромна љубов кон готвењето, доведувањето до перфекција на секој рецепт - мерките, постапката, варијациите.

А таа ги негира и сите наши изговори за да се впуштиме во кулинарска авантура: работи со полно работно време; сопруга, мајка и баба; а има време и за себе и дружење со пријателките.

Дали сметаш дека твоите рецепти се сложени, или навистина се лесни како песна – каков што е впечатокот гледано од страна?

- Рецептите кои ги објавувам се секогаш добро проучени, многупати испробани од мене, а дури потоа објавени. Сметам дека не се сложени, се трудам да на едноставен начин ги пренесам во пишувана форма, како чекорите во постапката, така и моето искуство за секој поставен рецепт, а истовремено целото тоа подкрепено и со фотографии. Готвам сѐ што ќе ми падне на памет во одредениот момент ориентирајки се према намирниците кои ги имам, лесно се одлучувам да ги засукам ракавите за сѐ што ќе ме заинтересира. Неретко ми се случува да на некој класичен рецепт придодадам нешто и со тоа му дадам понатамошна перспектива.

Дали некогаш се случило да не ти успее рецепт?

- Имам, како немам... но тоа веќе стои зад мене, колку основни работи незнаев, колку пати мојата љубопитност доживуваше фијаско да не кажам КАНТА проект. Но, како што кажав – тоа веќе стои зад мене, или пак не сум се фатила во коштец со некој навистина потежок рецепт, односно работам тоа што мислам дека со сигурност ќе ми успее, па така многупати си ја задоволам мојата радозналост. Јас ценам дека успехот не изостанува никогаш ако сѐ точно е напишано – од мерките до постапката.Морам да кажам дека дека внимателно ги читам количествата на поодделни состојки за подготовката и чувствувам дали тоа што е наведено „пие вода“ што би рекол народот, а доколку наидам на нелогичности ми се чини дека знам сама да се справам за да избегнам неуспех, затоа велам дека е битно да се напише во точни мерки и да се добро објасни и нормално да се напишат искуствата.

Омилена состојка – тиква, како што ние сме заклучиле. Што би рекла ти?

- Може да се каже, но покрај тиквата омилени ми се и многу други овоштија и зеленчуци за кои имам можност да ги набавам од еко-органско производство, па затоа завземаат важно место во секојдневното мени за моите најблиски. Зачините исто така ги обожавам.

Дали често ти доаѓаат гости (за да ги пробаат твоите специјалитети)?

- Имам широко отворено срце за дружење, а во наши услови дружењето подразбира и принесување на храна, па затоа може да се каже дека посетите во мојот дом најчесто се паметат по задоволството за топлиот пречек пропратен и со приготвена храна. Храната ја подразбирам и како духовна - хранлива за телото, умот и духот. Храната треба да се консумира во опкружување исполнето со љубов, отвореност и топлина. Посебно уживам кога готвам за саканите... не случајно велам дека готвењето за мене е чиста емоција.

Омилен начин на готвење (омилена тава)?

- За мене готвењето е уживање, одмор од секојдневието, затоа задоволство ми е приготвувањето на храна на најразлични начини, перферирам да тоа биде на тивок оган давајќи и шанса на содржината на состојките и зачините да си го кажат својот збор – тивко и поклопено, без да ги присилуваме, навистина тие ветуваат и исполнуваат – за на крај да кажеме ...м.м.м.м.м. вкуснооооооо. Омилена тава??? Хм, па сите, Вок тавата ми е совршена, обожавам да готвам и на пареа особено мешункастите плодови па поради тоа неизбежен е сип садот, Делимано Ростерот да го немаше ќе требаше да го измислиме... фантастичен е!

Готвиш сама, или во друштво?

- Многупати моите знаат да кажат: Не влегувајте во кујната, мајка ми готви! - Но, не е така. Има моменти кога сакам сама заедно со рецептот да се дружиме - особено кога спремам нешто ново, мораме да го воспоставиме контактот јас и рецептот, но во повеќето случаеви имам и друштво, секој ќе си има своја задача и заеднички ќе спремаме.

МОРАМ да кажам дека особено задоволство ми претставува да подготвувам нешто со мојот внук кој од сѐ најповеќе сака да меси и сука - за Пивските пишиии тој е веќе голем мајстор.

Имаш ли еден омилен рецепт кој е твој број 1?

- Кај мене многу рецепти се под број 1, најмногу ги сакам јадењата со повеќе видови зеленчук, ја сакам нашата традиционална кујна и се трудам да биде внесена во нашиот дом, а со самото тоа продолжуваме да ги негуваме и традициите и да почитуваме религиите. Не би можела да издвојам еден рецепт, а да не запоставам друг.... сепак нашето традиционално гравче –тавче кое не ретко го дружи и гравче со спанаќ, блитва, штафел; кромидарникот наш незаборавен, не-не, немам рецепт број 1 од главни јадења.

А ако зборувам за колачи, лесно ке кажам: Рускиот медовик... е тоа за мене е колач број 1.

Зошто ги одбра МоиРецепти како база за твоите рецепти?

- Јас стално пишував рецепти во нотеси... одкако се појави компјутерската технологија – читам, гледам – сите некаде нешто пишуваат, почнав и јас да пишувам по сајтовите од бившите ЈУ републики, разменувавме искуства... а цело време подсвесно во мислите ми беше присутно прашањето: Зошто немаме ние такво нешто каде што ќе се дружиме и разменуваме рецепт и искуства??? Подоцна веќе забележав и одговори на овие мои прашања - случајно наидов на Мои Рецепти, си реков ЕУРЕКА- ја одкрив Америка, првото регистрирање ми беше неуспешо или незнаев да се регистрирам. Се откажав, но мислата ме гонеше, морам пак да се вратам и да се повторно обидам, можеби ќе имам втора шанса.И се регистрирав и тоа со два профила- не со еден...хихи, од незнаење. Си реков: Е сега сум овде... на право место...на наш Македонски сајт. Ја видов како членка и Јулија Павлоска, доволен доказ дека не сум згрешила ништо - таа ми е како водиља.

Овде ни е гнездото на сите што сакаме да твориме во кујната.

Порака до сите готвачи аматери – ентузијасти?

- Првенствено би оставила порака на оние кои себеси се сметаат за донекаде доволни искусни во готвењето – доколку се одлучат за објавување рецепти во пишувана форма на било кој вид медиум, количествата на состојките како и чекорите во постапката да бидат напишани транспарентно, а не да се подразбираат како да се работи за анаграм. Посебно ценам кога рецептите се напишани така да може и некој кој прв пат готви да се пофали дека подготвеното му успеало.

Мојата порака за сите млади почетници:
Драги мои аматери – ентузијасти... вашиот однос со храната треба да постане патување, а не одредиште, од тоа патување можете да постанете некој, можете да го развиете карактерот, секој мора да почне од некаде. Не плашете се ниту од готвењето ниту од новите вкусови, ако ви се нешто допадне...потражете го рецептот и правец – кујна. Па што ако не ви успее од прва?Ништо. Така ќе знаете дека сте пробале, а можеби ке добиете и аплауз? Храбро и весело зафатете се и за потешките рецепти - ќе успеете!

Но не заборавајте секогаш да помислите: Јас го сакам ова, ќе го направам и ќе успеам!