Испечати

Сарамсаклии

Сарамсаклии

Состојки

  • 1 маргарин за премачкување на тестото (помалку од еден е потребно)
  • 500мл јогурт или кисeло млеко (од прилика е мерката)
  • 1 чаша зејтин
  • квасец 1 коцка свеж или 2 пакетчиња сув
  • 1 мала лажичка сол
  • 700гр брашно (може и до 1кг ако се утне со водата и за набрашнување)
  • 300-400мл топла вода (зависи од брашното)

Подготовка

Сарамсаклии е јадење карактеристично за паланечкиот крај. Рецепт од старите паланечки домакинки, кој јас на драго срце си го присвоив и си накачив некое килце од прејадување

Брашното, квасецот и солта се ставаат во голем сад или на работната површина и убаво се мешаат. Јас си ги ставам во едно големо пластично со капак кое ми е згодно за месење и има капак, па таму и си стасува.
Од како убаво ќе се измешаат сувите состојки, се додава зејтинот и се меша убаво, па се додава полека водата додека не се добие тесто кое нема да се лепи по раце, а ќе биде меко на допир.
Се остава да стаса додека не стане двојно поголемо од колкушто било. Се замесува пак и по потреба се набрашнува за да не се лепи по раце.
Се дели на мали топчиња и секое топче се расукува тенко(потенко од половина прст). Целата кора се премачкува со маргарин и се дипли на половина, па половината се премачкува и пак се дипли и така додека не се добие мало парченце со големина на дланка.

Малечкото парченце се сука додека не стане голема кора со дебелина од половина прст и со нож се сечат коцкички со големина од прилика 4х4. Од коцкичките се прави пакетче на тој начин што се собираат и лепат едно за друго краевите (ќошињата) и така се редат во намрсено тавче. Овде не се користи мрсна хартија бидејки ќе се прелеваат пакетчињата.

Се печат во загреана рерна на 200 степени окулу 20-30 мин. Штом заруменат се прелеваат со смеса од кисело млеко или јогурт, неколку чешниња истолчен лук, сол по вкус и се враќаат внатре да се допечат уште 10ина минути.

Се јадат и топли и ладни и се јадат додека не се изеде се во тавчето....ова не е наредба, природно ќе ви дојде да се прејадете од што е вкусно

Е сега ќе ме пцуете. Ве терав да читате и месите и пустите и штурите, а можев уште на почеток да ви кажам да си купите едно пакетче лиснато тесто и да го расукате, спакувате во пакечиња, исечете, прелиете, допечете и јадете

Шегата на страна, рецептот е тој, ама модерна варијанта може да биде со лиснато тесто. Мене лично џигер ми се превртува кога терб да чекам тесто да СТАСА....ме мрзи да чекам, сакам да јадам