Испечати

Кисели бабури полнети со зелка

Кисели бабури полнети со зелка

Состојки

  • 4 кг пиперки-бабури
  • 3,5 кг зелка
  • 0,5 кг моркови
  • 1 л алкохолен оцет (9%)
  • 3 л вода
  • 250 гр шеќер
  • 200 гр крупна сол
  • 1 пак. винобран
  • 20-30 гр бибер во зрно
  • по желба магдонос

Подготовка

Ваква салата често ми носеле во тегла и иако не сум кој знае колку по овие работи, уште на прво пробување ми се допадна. Едноставно ни е убаво кога повремено ќе ја имаме на трпезата во зимскиот период. До сега не се сеќавам да сум сретнала кај нас во продажба, па место да чекам случајно да ми носат конечно годинава се одлучив сама да ја направам. И за да се знае една зимница дали била успешна по правило треба да презими, па потоа да се зборува за неа. Но и одредено време откако ќе скисели колку толку е некое мерило, а мене ми е убава, па сакав и тука да ја споделам (не ми се чекаше до в година) 

1. Зелката ситно издробете ја, а морковите изрендајте ги. Уште поубави би биле кога зелката ја изрендате, а морковот да е рендан на најситното ренде. Посолете и оставете ги околу 20 мин. да испуштат вода. Рецептот трпи и само со зелка, без моркови. Мене вака со нив ми се поубави на изглед. Исто така одличо е за оние кои сакаат луто ако се додаде ситно рендани лути пиперчиња.
2. Пиперките измијте ги, извадете ги рачките и убаво исчистете ги од семето.
Зелката со морковите убаво исцедете ја со раце, а водата сочувајте ја.
3. Полнете ги пиперките убаво набивајќи ја мешавината со зелка. Препорака е тоа да го правите со раце, бидејќи така најдобро ќе ја извршите пресурата, при тоа внимавајќи да не се распукаат пиперките од стисокот. Ваквото густо полнење при пресек на пиперката не дозволува зелката да се распаѓа, туку стои компактно заедно со неа.
4. Редете ги во тегли или во едно поголемо пластично тубе со отворот на горе, внимавајќи да се една до друга во редот, но да не се искршат од стисокот.
5. Во засолената вода која ја зачувавте, додадете ја останатата сол (доколку не сте ја ставиле цела), шеќерот, оцетот, винобранот и водата. Мешајте додека се убаво не се растопи и потоа прелијте ги пиперките целосно. Ставете потоа крупно сецкан магдонос (спрема желба, и не мора) и бибер во зрно (ништо страшно и него ако не го ставите).
Солилото кое ви останало зачувајте го. Оставете ги теглите или тубето да преноќат без многу цврсто да ги затворате. Во текот на одстојувањето, полнетите бабури ќе впијат дел од течноста (солилото), па другиот ден дополнете повторно убаво да се покријат и добро затворете.
Одприлика после 2 недели би требало да се готови, па извршете ја пробната дегустација.

*Забелешка
Јас во солилото не ставив винобран, ниту конзерванс. И после 2 недели беа одлични по состав. Само, се уште не можам да тврдам дали вака успешно и ќе презимат.