Чоколадна торта со пена од малинки
Состојки
- За тесто
- 1/3 шоља (40 гр) брашно за колачи
- 1/3 шоља (40 гр) густин
- 1/4 шоља (30 гр) какао
- 3 јајца
- 3 жолчки
- 3/4 шоља (170 гр) шекер + 1 пакетче ванилин шекер
- прстофат сол
- За сируп
- 1/4 шоља (55 гр) шекер
- 1/3 шоља (80 мл) вода
- 1/4 шоља (60 мл) ликер од малинки
- За чоколаден фил
- 110 гр темно чоколадо
- 1/2 шоља (120 мл) слатка павлака, со најмалку 35 % мм
- 2 лажици (30 гр) путер
- За пена од малинки
- 600 гр замрзнати малинки
- 3/4 шоља (170 гр) шекер
- 1/3 шоља (80 мл) ликер од малинки
- 15 гр желатин во прав
- 2 шољи (480 мл) слатка павлака, со најмалку 35 % мм
- За украсување
- по потреба слатка павлака, чоколадни лушпи, свежи малинки, шекер во прав
Подготовка
Ветив дека ќе направам торта за он лајн журката... Еве ја....
Ви треба еден округли калап со страни кои се отвараат со пречник 20 цм и еден ист таков со пречник 22 цм.
На дното на калапот со пречник 20 цм ставете хартија за печење.
Направете го сирупот за натопување на корите така што ќе ги зовриете водата и шеќерот во едно мало теџерче. Тргнете го на страна, додајте го ликерот од малинки, измешајте и оставете да се олади.
За чоколадниот фил искршете го чоколадото на коцкички и ставете го во еден мал сад. Слатката павлака загрејте ја скоро до вриење и прелејте ја над чоколадото. Оставете да отстои една минута, па мешајте со шпатула додека не добиете хомогена смеса. Додајте го путерот, во 2 - 3 наврати, мешајки додека не се соедини. Оставете на страна.
Загрејте ја рерната на 175 Ц.
Во еден помал сад со жица измешајте ги брашното, густинот, какаото и солта.
Изматете ги жолчките и јајцата со шеќерот додека не добиете густа пена и шеќерот сосем не се растопи, додајте го ванилиниот шеќер, па просејте го одозгора брашното. Нежно измешајте, да не ви спадне, претурете ја смесата во подготвениот калап и ставете ја да се печи.
Печете околу 30 мин (проверете со чепкалка). Оставете да се олади во калапот десетина минути, а потоа превртете на жица и оставете да се олади до крај.
Одмрзнатите малинки ставете ги заедно со шеќерот да се варат десетина минути на средно силен оган. Испасирајте ги и поминете ги низ сито за да се отстранат ковчината. Оставете да се олади.
Желатинот во прав потопете го во ликерот од малинки во еден мал сад кој можи да се загрева. Нека стои десетина минути да набубри. Потоа растопете го на многу тивок оган додека не стане сосема течен без грутчина.
Додајте го во пирето од малинки и добро измешајте.
Изматете ја слатката павлака во цврста пена. Додајте го изладеното пире од малинки и добро измешајте.
На страниците на калапот кој се отвара со пречник 22 цм ставете хартија.
Тестото хоризонтално пресечете го на половина.
На дното на калапот ставете ја во средината едната половина тесто. Треба до страните на калапот да имате по еден прст слободен простор.
Натопете го тестото со 3 - 4 лажици од сирупот.
Над тестото распоредете половина од чоколадниот фил.
Потоа, одозгора истурете половина од пената од малинки, така да го исполни просторот до страниците на калапот. Повторете уште еднаш, со остатокот од тестото, сирупот, чоколаднит фил и пената од малинки.
Измазнете ја површината, покријте со прозирна фолија и ставете во фрижидер најмалку 2 часа, а најдобро преку ноќ.
Отворете го калапот и отстранете ја хартијата од страните.
Префрлете ја тортата на чинијата за послужување.
Украсете според ваша желба со изматена слатка павлака, чоколадни лушпи, свежи малинки и по желба посипете со шеќер во прав.
На сликите од наведените количини се испечени две торти во калапи со пречник 16 цм, филувани во обрачи 18 цм. Едната за дома, другата за подарок, нормално Ч))))
Рецептот е од страницата на произведувачот на чоколадни бомбони Годива