Испечати

Амам бајалдин

Амам бајалдин

Состојки

  • 6 црни домати
  • 5-6 главици лук
  • 2 китки магдонос
  • 1 лажиче сол

Подготовка

Овој рецепт е доста популарен кај нас, на крајниот југ од каде што потекнувам. Важи за доста стар рецепт, а и историјта за неговото настанување не е ништо помалку интересна.

Татко ми ми раскажуваше дека овој ручек за време турско некоја наша невеста му го подготвила на некој турски достоинственик. Немала многу работи на располагање па ги искористила магдоносот и лукот и ги наполнила црните домати.
Кога било готово јадењето турскиот достоинственик едноставно не можел да престане да јаде, па на крај се прејал и пред да се онесвести извикал Амман бај`лд.

Е сега според мене, дали се онесвестил од што било многу вкусно или мрсно или од убавината на досетливата невеста, не сум сигурна, ама бидејќи сите имаме дома по некој ага, Ви предлагам да го подготвите овој рецепт....

Во меѓувреме јас отидов да го освестам маж ми!

1. На црните домати им се сечат дршките и се лупат како што е прикажано на сликите, еден дел се лупи, друг дел се остава не лупен. Така ќе добиете 3 бели полиња и 3 црни наизменично.
Посолети ги излупените делови и оставете ги така да стојат додека дури ја припремате смесата за полнење.
2. Двете китки магдонос ги сецкате не многу ситно.
3. Лукот се чисти и се сецка на поситни парченца. Неговата количина може да варира според Вашите желби, па може да ставите помалку или повеќе.
4. На магдоносот и лукот им се става зејтин и се мешаат убаво, па им се додава една лажичка сол.
5. Црните домати измијте ги од солта и во излупените делови со нож направете надолжи џебови и наполнете ги со смесата од лук, магдонос и зејтин. Наредете ги во тава за печење и повторно прелијте ги со зејтин.
6. Печете на 200-225 степени 60-70 минути.

Кога ќе помине пола од времете за печење, со лажица прелијте ги повторно црните домати со зејтинот што го пуштиле во тавата.
Не штедете на зејтин, знаете дека црните домати го поднесуваат, но немојте и да претерате, бидејќи онесвестувањето не Ви бега.

Пријатен апетит!!!