Испечати

Прокељ кремисимо специјалитет

Прокељ кремисимо специјалитет

Состојки

  • 150-200 гр прокељ
  • 3 моркови
  • 3 средно големи компири
  • 1 мала главица кромид
  • 300 мл неутрална павлака
  • 120 гр кашкавал
  • 80 гр топено сирење (6 зденки)
  • 1 лажиче брашно
  • 1 лажица маргарин
  • 300 мл млеко
  • сол, црн бибер, рузмарин, мускатно оревче, сецкан магдонос

Подготовка

Вакво нешто јадев во Германија и тогаш за прв пат го видов и вкусив прокељот. Таму, бев решена се што ќе ми падне во можност од нивната храна да испробам, па макар и од око да не ми се допаднала. Излозите со сендвичите како цртани(на изглед), но тешко дека ќе се споредат со нашиве по вкус, освен германската кобасица во било која комбинација. Ова јадење го пробав со скепса и не можев да престанам да си дотурам во чинијата. Многу ми се допадна, но ни име не му запамтив... само слика си понесов со мене. Конечно начекав кељ во маркетот и почна импровизацијата за да се долови споменот на убавиот вкус. Мои Дами и по некои Господа, со задоволство ви го претставувам мојот фантазиран рецепт по сеќавање, кој успеа да ги помини границите на моите очекувања дури и од оригиналот. *Ако некој му го знае вистинското име, радо ќе го променам сегашново.

Компирите исечете ги предходно на коцки од околу 1 см, а морковите в косо на кругови или ако се послаби само на 2-3 см должина. Прокељот исчистете го од горните ливчиња и засечете го малку во дршката. Кромидот издробете го на ситни парчиња по должина. Засебно секој зеленчук обарете го по околу 8 мин во посолена вода. Компирите и кромидот заедно. Оставете да се цедат.
Стопете го маргаринот во тавата. Ставете и мало лажиче брашно и запржете го. Иситнете ги и испасирајте ги зденките, додадете ја павлаката и магдоносот, убаво измешајте и префрлете ја смесата во запршката. Варете на умерен оган, додека се убаво не се растпои. Додадете ги варените зеленчуци, зачинете и посолете. На крај додадете го и млекото. Нека крчка додека не се направи како редок крем. Доколку е потребно, односно брзо ви згусне, додадете уште малку млеко.
Вака приготвената смеса ставете ја во погоден земјен сад кој ќе се наполни со 2-3 прсти висина од смесата или неколку помали. Нарендајте го одозгора кашкавалот и печете на умерен оган додека не се растопи и фати убава кожичка.
Сервирајте го топло, иако и ладно не е лошо, би рекла без ништо друго само по себе е доволно. Пијачката сами одредете си ја.