Баклава со мед
Состојки
- 500 гр готови кори
- 200 гр ореви
- 200 гр лешници
- 200 гр бадеми
- 450 гр мед
- 300 гр шеќер
- 125 мл вода
- *Прелив
- 300 гр мед
- 150 гр шеќер
- 150 мл вода
Подготовка
Кога се зборува за баклава, јас си имам долгогодишно одомаќинето еден добар рецепт, кој до сега сметав дека нема потреба да го менувам за друго експериментирање, ама... )))
Оваа баклава ја видив случајно на нет. Ме привлече тоа што е со мед најпрво, а потоа и по богатиот состав. Но, рецептот не беше целосен, па бидејќи ја намерив, сама си го дополнив тоа што фалеше. Резултатот успешен, критиките на мое задоволство. Да напоменам уште дека синот ми беше главен помишник, на чие барање и се правеше (посебно се радувам кога има доброволци да мелат на машинка).
Пред да се сомелат зрнестите плодови, бадемите и лешниците убаво е малку да се потпечат. Медот, водата и шеќерот се топат на умерен оган. Кога ќе се стопат, содржината се дели на 3 дела и во секој се става посебно лешници, бадеми и ореви и со секој фил наизменично се филова секоја 2ра кора. Така вели рецептот, но јас за полесно и посигурно, секоја кора ја премачкував со шербетот и над тоа ставав како посип од мелените плодови. За посочна, но и корите ми се гледаа некако подебели, па ја филовав секоја кора, освен првата. Одозгора преливав со лажица по малку кисела вода.
Филованата баклава се сечи на коцки, или по ваша желба и се прелива со остатокот од шербетот. Се печи на 180-200 степени околу половина час, па и малку повеќе. Мојот шпорет има силна рерна која напати и не може лесно да се регулира, а со обзир дека во составот е мед, на половина време од печењето ја покрив со алу-фолија за да не изгори.
Во меѓувреме се спрема преливот. Состојките се топат исто како погоре, на умерен оган. Преливаме жешко со жешко. Одозгора над секоја коцка декорираме со исецкани бадеми и лешници.
*Овдека фалеа состојките за преливање, па преливот беше провизорен. Бидејќи синот не можеше да дочека, се извади парче за да проба. Веднаш е добра за јадење. Во тој момент помислив дека можеше да биди помалку блага. Но другиот ден, блажината беше баш како јас сакам, што значи и оваа медова баклава колку повеќе стои, толку е поубава, а преливот случајно точно сум го пресметала )))
Да ви е слатко!