Испечати

Клара Босс, првиот готвач кој објави 100 свои рецепти на моирецепти.мк

Клара Босс

Нејзиното име е Елизабета, живее во Битола, мајка е на 13 годишни близнаци, со сопруг кој поради работата често отсуствувал од одма, па поради тој факт сѐ уште невработена, но, како што вели самата - добро истрениран хаус мајстор.

Нејзиниот опис за себе започнува: Врска нема од готвење... Но, со својата активност, иновативност и ентузијазам во готвењето, впечатокот кој го остава за неа е сосема поинаков.

Она што ние досега сме го забележале за неа е: сака разнобојни салфетки, ужива во слатки работи, има ведар дух и пријателски настапува кон луѓето, се радува кога ќе креира рецепт за десерт – комбинација од барем два други рецепти и еден десерт купен од супермаркет :)

МалинаКлара Босс

А таа, пак, ќе каже за себе:

Хм... за себе? Сите себе си најдобро се познаваме. Секој кој треба да се опиши себеси треба да користи или суперлатив или лажна скромност. Всушност, вистински сме онакви какви сме се претставиле, односно не доживеале другите. Се уште се држам на описот кој го имам на мојот профил и Можам да дополнам само дека ме радува секоја моја исполнета цел (дури и ситниците) и неизмерно драго ми е кога тоа ќе го споделат со мене и вистинските пријатели. Секако и обратно. Ме радуваат сите добри работи што ќе им се случат на другите. Додека има такви работи, има и надеж дека светот се уште ќе е убаво место за живеење.

Работите не ги делам на машки и женски, па имам и многу интереси кои сакам да ги знам и правам кои по некој непишан традиционал се вбројуваат како за нормални воглавно за спротивниот пол и со тоа ми е малку повеќе чудно кога ме нарекуваат домаќинка - затоа што тоа си бара полно работно домаќинско време. Често знам да се нашалам: Домаќин е тој што седи дома, а јас излегувам и на улица (надвор), па сум и малку уличар :)

Сакам мнооооогу работи: автомобили, дури и олд тајмери, се што е на тркала, сакам да патувам и да можам би го видела со очи скоро секое делче од чудото наречено планета Земја, сакам да искусам банџи скок или барем да скокнам со падобран... ах да, последно време за дел од скромно горе наведените сакања многу сакам да ми се падни 7ка на лото, ама никако да ми текни да уплатам ливче :)

Солено или слатко?

- И солено и слатко. До пред неколку години бев голем благоман, едноставно живеев од благо. Сега преферирам повеќе соленко да си каснам, веројатно почнав да стареам :)

Без што од кујнскиот прибор не поминува твоето готвење?

- Кога има потреба од мешање - дрвена лажица. Има работи кои се прават одокативно, но мојот скриен перфекционизам, а можеби и недоволно искуство веќе неколку месеци ужива во прецизните мерки на Делимано вагата - феноменална замена за несигурните мерици, посебно кога треба да се работи со точно одредени, помали мерки.

Имаш ли готвачко откритие со кое се гордееш?

- O дaaa :) Има неколку на кои сум многу горда. Како бивш благоман, најчесто моите кулинарии порано беа од кондиторска основа. Теста многу пати избегнував да работам бидејќи секогаш во составот на рецептите брашното го имаше „по потреба“. Едноставно кога си почетник тоа „по потреба“ веднаш е скептично по успех. Рецептите кои се постираат на МоиРецепти најчесто се прецизни, па за кратко време стекнав солидно искуство на тоа поле, да навлезам во тајните на тестото, да вршам измени, дури и да си создадам свои импровизации. Би рекла солидно основно искуство кое кога е стекнато за кратко време те прави горд на некој начин.

Посебно сум горда на еден десертен рецепт, а ги има неколку на мое изненадување. Неговата посебност најпрво е во тоа што по состав можи да се вброи како невообичаен, а за вкус сите кои го пробавме дадовме висока оцена. Сѐ уште не е споделен, па кога и него ќе го обелодени светлината на интернетот ќе видиме дали ќе се оправда и јавно мојата горделивост :)

А што најмногу те нервира кога готвиш, или која е твојата најголема катастрофа во кујната?

- Најчесто што и да правам, правам од задоволство и тука нема место за нервози. Не се занимавам со нештата кои ме нервираат. Кога ќе решам нешто да направам, се стремам кон целта и размислувам за начинот како најдобро до неа. Единствена маана ми е што сум самотник во кујна, не сакам многу да ми се плеткаат кога готвам и оние кои ме познаваат тоа добро го знаат :) Секако, не ретко се случува, кога се има малку повеќе време, со децата заедно да правиме некои од нашите омилени десерти, дури и кифлички и тоа по нивна иницијатива, која морам да признаам најчесто доаѓа од синот.

Можи да ми се случи на крај само да се разочарам, ако не испадни онака како јас првично сум го замислила. Но, за среќа, барем за сега, тоа било многу ретко.  Најчесто ме разочарува шпоретот, но се надевам на нов за скоро време.

- Катастрофа се случи еднаш, кога требаше да испратам ручек од печено месо со компири. Се си одеше како треба и кога требаше да ја предадам тепсијата, таа од тежината се превитка и тресна на под (беше една слаба тефлонска, па бидејќи требаше во рекордно време да јадат, решив во неа да припремам за побрзо). Последна катастрофа се случи кога ги припремав чоко бананите. Кујната ја претворив во бели точки, поради плиткиот сад во кој матев :). Потоа имав доста работа :) Супер е, до сега ништо не се запалило ;)

Која е твојата идеална бројка на гости за ручек?

- Онаа бројка на гости која комотно ќе можам да ја сместам на трпезата.

Дали твоите блиски сметаат дека си одличен готвач...Дали им се допаѓаат твоите иновативни оброци?

- Моите блиски многу добро знаат дека кога ќе решам да готвам, го правам тоа најдобро што можам. Самата себе сум си најголем критичар, па ако има и минимална маана не се срамам да ја кажам уште пред да пробаат. Е сега замислете ако мааната не е минимална - па, јас прва не јадам од тоа :) Никако не би се мачела да готвам за кантата за отпадоци и таа скоро и да ја нема таа чест, затоа што добро им ги познавам вкусовите и желбите на јадење, скоро и да не ни се разликуваат многу, па кога чинијата е празна ми е доволно добра критика и тука не се потребни зборови.

- Истото важи и за иновативните оброци, со таа разлика што кога се спремам да правам такво нешто често моите деца знаат да ме прашаат: „Пак нешто матиш? Ај да видиме што ќе ти истекни сега :)“ и ѕиркајќи од време на време, стрпливо чекаат да им викнам кога е готово. Како што кажав, воглавно ако мене ми се допадни, висок процент сум сигурна дека и нив ќе им се допадни. ;) Но, понекогаш знаат да бидат скептични кога нешто им се види новитет, па имам потешкотија дури ги убедам да пробаат. После тоа, многу пати се бара и реприза. Пријателите ми се редовни дегустатори по тоа прашање, едноставно ме радува кога ќе споделам нешто ново со нив, па им прејде и во навика да очекуваат набрзо по некој новитет. Во последно време, како последица од дружбата со вас е моето често присуство во кујната. А најголемо задоволство ми е кога ќе ја импресионирам мајка ми. Сега ми е чудно кога таа од мене ќе посака да испроба рецепт, а околу третина од она што сум ги направила во овие 5 месеци веќе ги има направено.

- Јас се уште не се чувствувам доволно искусна и вешта во кујна. Кулинарството го сметам за уметност која цел живот се учи.

Велат дека оние со хороскопски знак Риби уживаат во сѐ што е полно со витамини и што е слатко...идеален оброк би бил Мафини со ананас. Мислиш дека има нешто или...?

- Јас веќе почнав да верувам дека сум 13ти знак во хороскоп :) Не се базирам на хороскопи и ги читам кога нема друго што во моментот да се прочита. Никогаш не се пронајдов целосно во ниту еден знак, најмалку во риби :)

Мафините се неодоливи, но повеќе би рекла со чоколадо или ванила и обавезно кафенце со нив. Ананасот би посебно или во торта со многу крем.

Зошто ги одбра МоиРецепти како база за твоите рецепти?

- Не се сеќавам како ве пронајдов :) Веројатно, случајно налетав. Откако си го купив апаратот, веќе неколку години не се делам од него. Сликам сѐ и сешто. Само тој знае колку е „малтретиран“. :)

Најпрво, предизвик беше да сликам и поставам свој рецепт. Тогаш ги правевме нашите омилени „Шишарки“, или како ние по битолски си ги викаме „Кукулички“ :) Откако тоа добро помина, полека почнаа да се ланчаат и други рецепти. Со тек на време стана мое секојдневие. Најмногу ме задржа комуникацијата под рецептите. Кога не е јасно нешто да се праша, да се пофалиме меѓу себе за презентираното дело или посочиме некои дополненија или пропусти,совети, новости па дури и често да се нашалиме.

Тука научив многу нови работи кои не сум ги знаела. Секогаш кога ќе научам нова работа, ново сознание, се радувам. Тука, дружејќи се со вас, се разбуди и мојата заспана креативност и смелост да експериментирам и создавам понекогаш и нешто свое, па кога ќе заврши успешно да се радувам на своето дело.

Изборот на Рецепт на денот е една убава игра. По мое мислење, поттикнува уште повеќе да се трудиш и усовршиш по сите критериуми кои се потребни за тоа. Општо речено, знаете како да ни го направите дружењето поинтересно и преку наградните игри. Не, не е до наградата како материјално средство толку, колку како едно признание за вложениот труд и време и драг спомен кој ќе остане засекогаш и ќе те потсетува на ова време, на дружењето овде и на своите кулинарски импровизации, за кои се трудиш да ги разубавиш, доведеш до можноста на својот максимум... Едноставно, единствени сте во тоа, а што е најважно секогаш сте тука присутни и контактирате со нас спремни да ни помогнете, посоветувате, мотивирате да бидиме такви какви што сме и да се трудиме да бидиме уште подобри во тоа што го правиме.

Што би сакала да добиеш од Делимано ако споделиш со нас уште 100 рецепти?

Клара Босс

- Да сме здрави и живи, тоа е најважно. Кога би стигнала до уште толку и тие на мнозинството да им се допаѓаат, тоа ќе го сметам за свој личен успех и ќе бидам пресреќна. Дури тогаш можеби и ќе почнам да размислувам за промена на описот на својот профил хехе...

Делимано производите се супер и да се готви со нив е уживање. Не верував дека буквално ќе се заљубам во нив. Со тек на време, се надевам дека ќе готвам исклучиво само со и во овие прекрасни производи. Им благодарам на Делимано за новата продавница во Битола. Многу полесно е кога производот го гледаш со очи отколку на слика, а и нема чекање за испорака што е најважно за нестрпливите како мене :) Ја посетив и веќе имам список за првичен шопинг.

Додека јас напишам уште 100 рецепти, посакувам Делимано за тоа време да не изненади со нови производи, па кога би решиле да ме наградат, ете, нека биде еден од нив ;)