Испечати

Кроасани по Џулија Чајлд

Кроасани по Џулија  Чајлд

Состојки

  • За квас
  • 1 кесичка сув квасец
  • 1/4 шоља млака вода
  • 1/4 лажичка сол
  • 1/2 лажица шекер
  • За тесто
  • 2 шољи брашно Тип 400
  • 3/4 лажичка сол
  • 1 лажица шекер
  • 2 лажици масло
  • 1/3 до 1/2 шоља млако млеко
  • За виткање на тестото
  • 125 гр путер од фрижидер
  • За премачкување на кроасаните
  • 1 јајце
  • 1 лажичка вода

Подготовка

Џулија Чајлд е родена на 15. Август пред 100 год. Ова е мојот омаж за нејзиниот роденден.

Во еден мал керамички сад ставете ја водата, додајте ја солта и шекерот, па наросете го сувиот квасец и оставете околу 5 мин. да се запени.
Во еден поголем сад измешајте го брашното, солта, шеќерот, маслото, додајте го квасот и 1/3 шоља млеко замесете многу мазно и еластично тесто кое не се лепи за рацете. Ако треба додајте уште малку млеко или брашно. Оставете го во фрижидер еден час, завиткано во најлонска фолија.

Путерот завиткајте го во најлонска фолија и истенчете го во квадрат со страна 15 цм. Вратете го во фрижидер ако ви се отпушти. За да бидат добри кроасаните, тестото и путерот треба да се ладни и отприлика исто цврсти на допир. Расучете го тестото во правоаголник 30 на 15 цм, ставете ја во средина плочката путер и затворете го тестото околу путерот, добро насекаде.

На набрашнета површина расучете го тестото во правоаголник 45 на 15 цм. Подолгата страна нека биде кон вас. Преклопете ја левата третина преку средната, а после и десната преку неа. Завиткајте во најлонска фолија и оставете во фрижидер 1 до 2 часа. Повторете го истото уште два пати. Повторно оставете го тестото во фрижидер 2 часа, пред да ги формирате кроасаните. Овде тестото можете и да го замрзните, па во некој друг ден да ги доправите кроасаните.

Ладното тесто расучете го во правоаголник со дебелина околу 5 мм, поделете го на триаголници. Завиткајте ги кроасаните, не премногу цврсто за да можат да нараснат. Ако сакате наполнете ги со една коцка чоколадо. Јас еден дел ги наполнив со Бајадера бомбони. Наредете ги кроасаните на плех. И во оваа фаза може да се замрзнат, па потоа да се продолжи со постапката друг ден.
Разматете го јајцето со водата и премачкајте ги, па оставете ги да стасаат еден до еден и пол час. Треба да се удвојат во големина и да станат многу лесни во текстура.

Загрејте ја рерната на 220 Ц. Премачкајте ги уште еднаш со јајце, печете ги 5 мин на 220 Ц, па намалете ја температурата на 200 Ц и печете ги уште 5 - 10 мин да добијат убава златно кафеава боја. Можеби температурата на печење ке треба да ја прилагодите на вашата рерна.
Најдобри се млаки, а можат и да се замрзнат веќе испечени и да се затоплат во рерна на 200 Ц неколку минути.
Не е лесно, ни брзо, ама ништо не се споредува со француски кроасан за доручек...