Панаѓурски тортиљи од Лудо тесто
Состојки
- 1 кгр. брашно
- 40 гр. свеж квасец
- 1 пециво
- 200 мл. кисела павлака
- околу 500 мл. млеко
- 3 лажички сол
- 1 лажичка шекер
- 2 јајца
- 1 лажица алкохолен оцет
- 2 лажици маст
Подготовка
Ова тесто е исто така универзално или препознатливо како ЛУДО ТЕСТО кое може да стои во фрижидер до 10 дена и од него можете да правете пици, пишии, бухтли, лангоши...едноставно кажано - што ќе сакате во моментот да спремите, а тестото веќе ве чека во фрижидерот.
Од ова тесто се денешниве Панаѓурски тортиљи, па повелете рецептот кој го има во многу варијанти...а фактички скоро исти.
1. Во поголема вангла ставете го брашното, солта и пецивото и измешајте ги.
2. Квасецот се раствара во малку млеко и шекерот, се додава во брашното. Додадете ги павлаката (јогуртот или киселото млеко), маста, јајцата, млекото и оцетот. Замесете го тестото кое е многу меко, може да го месите и со бркалка. Тестото треба да е меко, растегливо како гума за џвакање.
3. Оставете го да стаса. Премесете.
4. На подлогата на која ќе ги оформувате тортиљите ставете повеќе брашно и со рака или со две лажици земајте од тестото и ставете го на набрашнетата подлога, увалкајте го за да е целото набрашнето. Напрвете топче - со раката сплескајте го малку, а потоа продолжете со сукалка да ги сукате топчињата во дебелина на 2-3 мм.
5. Печете ги на загреана сува тава (не ја подмачкувате со ништо) - ако немате од палета на Делиманото - одлична замена е тефлон тавата 1-2 минути од едната страна, превртете ги и подпечете ги исто така за 1-2 мин. и од другата страна.
6. Тортиљите треба да бидат благо румени-меки и лесно да се свиткуваат. Ако почнат да добиваат црни точки - тогаш темпертурата е превисока и намалете ја. Печени ставајте ги во сад со капак или во пластична кеса како би останале меки и топли.
Со што ќе ги полните тортиљите ако воопшто ги полните...останува на вас.
Битно за рецептот на ова ЛУДО ТЕСТО кое со право си го носи името е тоа што може да се чува во фрижидер и до 10 дена па и повеќе. Доколку веднаш не спремате ништо од ова тесто, тогаш само замесете го тестото и ствете во кеса, заврзете и одложето го во фрижидерот. По потреба ќе си земате од него и спремајте што сте намислиле од него. Можете и од ова тесто да првите полнети тортиљи, но малку подоцна за начинот на спремање на овие тортиљи...
Јас денешниве тортиљи во недостаток на млеко ги месев со 200 мл. кисела павлака, а остатокот вода, па како што гледате - успешно, но целото го искористив, односно половина испеков вчера, а половина од тестото денеска.
Уживајте!!!