Дунавски бранови
Состојки
- 3 јајца
- 12 л. шеќер
- 15 л. масло
- 15 л. млеко
- 16 л. брашно
- 1 прашак за печење (пециво)
- 2 л. какао
- 3 л. млеко
- 500 гр вишни (од компот)
- крем
- 750 мл млеко
- 2 пудинг од ванила
- 6 л. шеќер
- 200 гр маргарин
- глазура
- 100 гр чоколадо
- 50 гр маргарин
- 2 л. масло
Подготовка
Најпрво спремете го кремот, за да можи да се лади додека се приготвува кексот.
Од млекото 50 мл разматете со пудинзите, а остатокот со шеќерот ставете го да се вари и направете пудинг. Во полу-одладениот пудинг измешајте го маргаринот исечен на коцки и добро измиксирајте ја смесата за да се добие мазен крем. Оставете да се лади покриено со најлон или повремено мешајте да не фати кора додека го спремате кексот.
Јајцата и шеќерот пенасто изматете ги. Додадете го млекото и маслото и на крај лажица по лажица брашното, предходно измешано со прашокот за печење.
Одделете 1/3 од смесата и во неа измешајте го какаото со 3 лажици млеко.
Во намастена тава (мојата беше бр.30, а вие најдете си достојна коцкеста замена на таа големина-уште поубаво) сипете ја белата смеса и потоа внимателно и полека над неа црната смеса. Внимавајте да не ви пропаѓа под белата, туку да биди распоредена над неа. Ако е потребно исто така полека со помош на лажица, нежно распоредете ја.
Одозгора на 1 прст растојание распоредете ги вишните, предходно исценени од сокот и ставете да се печи на 180 степени некои 20-30 мин. Проверете со чепкалка.
Печениот кекс, оставете малку да се олади, па со лажичка насекаде натопете го со сокот од вишните и на крај филовајте го со кремот од пудинг. Оставете ја тортата во фрижидер и за тоа време подгответе ја глазурата. Стопете го чоколадото со маргаринот на пареа и додадете го маслото. Добро изедначете ја смесата и кога малку ќе подолади глазирајте над кремот.
Кога добро ќе се стегне тортата сечете ја на коцки и сладете се.