Пита со месо
Состојки
- За тесто
- 1 кг и 400 грама брашно тип 400
- 40 грама свеж квасец
- 1 1/2 лажица сол
- 1- 2 лажици шеќер
- 500-700 мл топла вода
- За филот
- 600 грама мелено мешано месо ,свинско и телешко
- 300 грама шампињони од саламура
- 1 лажица сол
- 1 лажица вегета
- 1 главица кромид
- 12 лажици зејтин
- 80 грама омекнат маргарин за премачкување
Подготовка
За подготовka на тестото погледнете кај мојот профил рецептот за домашен леб. Постапката за месењето е иста со таа разлика, што за питата не чекаме да ни стаса тестото, туку откако ни е замесено, веднаш ги сукаме коричките.
Да напоменам дека од оваа количина на тесто јас направив две пити само што сликите не ми беа успешни, па прикачив само од еднатa .
Најпрвин го сечкаме кромидот и со 6 лажици зејтин го пропржуваме додека да порумени. Го додаваме месото, печурките, солта и останатите зачини, пржиме петнаесетина минути. Од тестото правиме 9 мали топчиња и ги оставаме на побрашнета површина за да не ни се залепат. Од секое топче расукуваме мала коричка со дијаметар околу 12цм. Земаме една коричка ја премачкуваме со малку маргарин и врз неа ставаме друга, ја премачкуваме и неа и одозгора ја ставаме и третата коричка. Врз неа не ставаме маргарин.
Значи од 9 добивме 3 кори. Ја расукуваме првата кора, ја пропрскуваме со малку зејтин и ставаме од филот. Потоа ја сукаме и втората, ја повторуваме постапката како со првата. Така и со третата кора. Ги ставаме една врз друга, засукуваме како ролат, сечеме на мали парчиња и ги редиме во подмачкан плех бр 30. Ја оставаме питата околу 30 минути да стаса, и печеме на 200 степени околу 30 минути. Кога ја вадиме од рерната ја покриваме со крпа да се задуши и да омекне. Нека ви е на здравје.