Американска пита со боровинки (јагоди, малини, јаболки...)
Состојки
- Бисквит тесто
- 175гр. Маргарин
- 250гр. Брашно
- 2 лажици Шеќер
- 1 лажичка Сода бикарбона
- 5 лажици Вода
- Фил од шумско овошје
- 250-400гр. Овошје (боровинки, јагоди, малини, капини, мешано)
- 4 лажици Шеќер
- Фил од јаболки
- 500гр. Јаболки
- 1 лажичка Цимет
- 1 Портокал
- 3 лажици Шеќер
- 1 ќесичка Ванилин шеќер
- За попрскување
- по желба Шеќер во прав
Подготовка
Овие мерки се за калапче од 20см. (јас користам онакво на кое му се вадат страните).
За тестото
Се меша маргаринот исечкан на коцки заедно со брашното, шеќерот, содата и водата - прво малку со вилушка, па со рака убаво да се измеси рамномерно тесто (2 минути). Тестото се остава во фрижидер 30 минути (ама и не мора ако ви се брза =). Потоа, на подмачкано калапче, отприлика 1/3 ставате на дното на калапчето, 1/3 странично. Тестото само се натапкува, со дебелина од 4-5 милиметри. Без проблем може да пополните некое дупче ако се појави =)
Ставете го потоа овошјето, па врз него шеќерот (и останатите состојки кои ќе ги додавате) и врз него капакот од останатата 1/3 тесто.
Капакот го правам во рака, да се истенчи и оформи, па после го покривам малку со страничното тесто. На средината правам неколку дупчиња со чепкалка или нож за да може да испарува вишокот течност.
Се пече 30-35 мин во загреана рерна на 150С.
Кога ќе биде готова, веднаш се попрскува со шеќер во прав - но оставете неколку минути да се подизлади за да ја извадите од калапчето.
Фил од шумско овошје
Ако го правите со смрзнато овошје, треба да е добро одмрзнато. Ако го правите со свежо исечкајте, на пример, ако има некоја ептен голема јагода =), инаку цело се става. Јас сум ја правела со секакво смрзнато овошје, па и со мешано...а богами сега и со свежи јагоди и тогаш е уште поубава.
Фил од јаболки
Се сечкаат лупените јаболки на коцки, во нив се меша циметот, сок и кора од 1 портокал. Кога ќе се стави врз тестото, се додава шеќерот.
- Шеќерот што ќе го ставите врз овошјето - може да додадете уште една лажица ако сакате поблаго или овошјето е многу кисело, но не повеќе.
- Во тестото за питата може да ставите 1 лажичка екстракт од Ванила, па и во самото овошје може да додадете ванила и други зачини по желба.
Овој рецепт го видов на ситносецкано, но толку многу пати го имам направено, па веќе си го сметам за мој =))))) Супер е што е посен, идеален за време на пости, но и за оние што не јадат јајца. Син ми ја вика питата на Снежана и седумте џуџиња =)