Тесто за пица, пиде и сл.
Состојки
- 5 шољи италијанско брашно 00
- 1 лажица мед
- 2 лажички сол
- 1 лажичка сув квасец
- 2 лажици маслиново масло
- 1 3/4 - 2 шољи вода
Подготовка
Ова количество тесто е за 4 пици во пречник 25 цм.
Сите состојки се ставаат во длабок сад и се мешаат со миксер со продолжетоците за тесто да се соединат. Се покрива садот со крпа и се остава да стои околу 5 мин. Потоа повторно се меша тестото со миксер 3 - 5 мин. Се дели на 4 дела. 4 кесички за во замрзнувач од 2 л се премачкуваат со масло од внатре и во секое се става по едно парче тесто оформено во цврста топка. Веднаш се става во фрижидер да стои барем 12 часа. Ако не го користите тестото во наредниот ден веднаш ставете го во замрзнувач.
Ако тестото било во замрзнувач пред употреба одмрзнете го оставајки го преку нок во обичниот фрижидер, а потоа продолжете со постапката.
Ако тестото ви било во обичниот фрижидер извадете го од него 1 час пред употреба. Понатаму сложете и печете ја пицата по ваша желба. Јас правам вака:
Рерната ја загревам на најсилно кое можи, кај мене е тоа 250 C, плус вентилатор што ке ја подигни температурата уште за 20 C. На најдолната решетка го ставам каменот за печење и го загревам 1 час. Ако печите без камен, перфорираниот сад за пица исто ставете го на најдолната решетка и загревајте го заедно со рерната додека рерната не ја постигни саканата температура.
Парче хартија за печење посипете со пченкарно или оризово брашно за да не ви се лепи тестото. Со растегнување со раце, не со сукало или оклагија растегнете го тестото во круг со пречник 25 цм и ставете го на хартијата. Одозгора распоредете тоа што вие сакате и оставете да отстои додека се загрее рерната. Оваа пица на сликата е со малку кашкавал, шунка, 2-3 свежи печурки на ливчина, 3-4 кругови кромид, 2-3 маслинки, сол, бибер и ориган. Непосредно пред печењето попрскајте ја пицата со маслиново масло и заедно со хартијата пренесете ја на каменот или на тавата која ви е во рерната.
Се печи кратко, 7 - 10 мин. Ако е потребно во текот на печењето ке ја подзавртите пицата да се испечи работ рамномерно.
Овој пат на едното тесто ставив околу 200 гр рендан кашкавал и го завиткав како чун, за Турско Пиде. Се печи исто.
Веднаш штом ке ја извадите од рерна, работ на пицата премачкајте го со маслиново масло, послужете жешко.