Лук
Состојки
Хранливи вредности на лукот:
Од најстари времиња, лукот е познат во речиси сите култури, поради лековитите својства, но и поради употребата во кујната. Ова прекрасно растение кое се одгледува поради коренот, содржи голем број хранливи фито-материи кои го подобруваат здравјето и кои се докажани сојузници во борбата против заболувањата на срцевите артерии, инфекции и одредени видови рак.
Ова коренесто растение припаѓа во фамилијата Alliaceae, од родот Allium. Ботаничкото име му е Allium sativum. Се верува дека потекнува од планинскиот регион во Централна Азија, од каде што се проширил низ сите умерени и суптропски региони во светот.
Allium sativum е повеќегодишно растение кое се одгледува многу слично како кромидот. Целосно пораснатото растение достигнува височина од 50 до 60 сантиметри. Подземниот корен е во форма на главица која е составена од 8 до 20 чешниња. Целата главица е обвиткана со неколку бели или розовкасти покривни слоеви тенки како хартија. За разлика од кромидот, цветот на лукот е стерилен и не дава семе. Новите растенија обично се раѓаат од чешнињата.
Здравствени придобивки од лукот:
- Чешнињата лук со прекрасен вкус содржат голем број важни витамини, минерали, антиоксиданси и хранливи фито-материи кои имаат докажани здравствени придобивки.
- Лабораториските истражувања покажаа дека алицинот го намалува создавањето на холестерол преку инхибиција на редуктивниот ензим HMG-CoA во клетките од црниот дроб.
- Алицинот исто така ја намалува крутоста на крвните садови преку испуштањето на азот монооксид (NO), со што се намалува крвниот притисок. Исто така спречува формирање на тромбови, а има и фибринолитско дејство во крвните садови, што помага при намалување на ризикот од заболувања на срцевите артерии и периферните крвни садови и мозочен удар.
- Научните истражувања исто така открија дека конзумирањето лук го намалува ризикот од рак на желудникот.
- Алицинот и другите есенцијални состојки во лукот исто така имаат и антибактериски, антивирални и антигабични својства.
- Лукот е одличен извор на витамини и минерали кои се клучни за доброто здравје. Чешнињата се еден од најбогатите извори на: калиум, железо, калциум, магнезиум, манган, цинк и селен. Селенот е минерал кој го одржува здравјето на срцето и е важен кофактор за антиоксидантските ензими во организмот. Манганот во телото се користи како кофактор за антиоксидантскиот ензим супероксид дисмутас. Железото е неопходно за оформување на црвените крвни зрнца.
Чешнињата лук се неверојатно богати со витамини и минерали. Во само 100 грама лук се содржат (во проценти од дневно препорачаната доза):
95% витамин Б6 (пиридоксин),
52% витамин Ц,
33% бакар,
21% железо,
18% калциум,
26% селен, и
73% манган,
а не содржи холестерол.
Избор и складирање:
Главиците лук обично се берат кога долните лисја ќе пожолтат и ќе започнат да се сушат. Потоа главиците се сушат под сенка неколку недели, пред да отидат на продажба. Во продавниците, лукот може да се најде во повеќе форми: цели главици, сушен, чешниња, преработен, во прав или пасиран.
Сувите главици можат да се чуваат на собна температура, на темно и студено место каде што нема влага и на тој начин можат да останат свежи и до неколку недели. Пасираниот лук треба да се чува во фрижидер.
Употреба во кујната:
Чешнињата и свежите зелени делови од лукот се користат за приготвување на бројни рецепти.
Вообичаено, лисјата се помалку лути од чешнињата и во рецептите се користат слично како лисјата од кромид. Лушпата на лукот обично се отстранува рачно, а мазната главица со кремасто-бела боја или се сечка со нож или се гмечи непосредно пред додавање во некој рецепт.
Совети за приготвување:
- Лукот се користи за засилување на вкусот на јадењата со зеленчук, месо или морска храна.
- Исто така се користи за добивање силен, луткаст вкус при приготвувањето на леб, тост и брускети (печено парче леб премачкано со пасиран лук и додатоци, како што се: маслиново мсало, бибер, домати, кашкавал, месо, итн.).
- Лукот се користи и за приготвување на сезонски супи и сосови. Младите листови од лук се користат како зеленчук, исто како и младите листови од кромид, во комбинација со зеленчук и јајца, за приготвување на одредени јадења во земјите од Источна Азија.