Целер
Состојки
Хранливи вредности на целерот:
Егзотичната билка целер е позната по силните вкус и арома, кој им ги дава на голем број јадења во повеќе популарни медитерански кујни. Ова двегодишно растение потекнува од Европа, а денес се одгледува низ целиот свет како градинарско растение, од кое се користат лисјата, стебленцата, корењата и семето.
Ботанички, растението припаѓа на фамилијата Apiaceae од родот Apium. Научното име му е Apium graveolens.
Оваа билка е мало растение, достигнува едвај половина метар во височина и бара влажна почва за да успее. Снопот од долги, темно зелени и до одредена мера шупливи стебла кои се јадат, растат право нагоре од крошната.
Целерот дава цветови со форма на чадор, на врвот од стеблото, во текот на втората година. Лисјата имаат сличен изглед на магдонос. Постојат неколку сорти целер. Од дивиот целер (Apium graveolens dulce) потекнуваат сите останати сорти, а меѓу најпопуларните сорти кои се одгледуваат низ светот се: листестиот целер (Apium graveolens secalinum) и коренестиот целер (Apium graveolens rapaceum).
Кинескиот целер кој исто така е познат и како ориентален целер, има тенки, шупливи, сочни стебла и има поинтензивен вкус од континенталните видови.
Семето од целер, кое се користи како зачин, на изглед е слично со семето од ким. Има темна кафеава боја, долгнавеста форма, со тенки, вертикални риги. Има силен вкус и арома.
Здравствени придобивки од целерот:
- Целерот е едно од најмалку калоричните растенија. Во 100 грама лисја од целер има само 16 калории и огромна количина нерастворливи растителни влакна, кои кога ќе се комбинираат со други режими за намалување на телесната тежина, можат да помогнат при намалување на телесната тежина и нивото на холестерол во крвта.
- Целерот е функционална храна. Неговите лисја се богат извор на флавоноидни антиоксиданси, како што се: зеаксантин, лутеин и бета-каротин, кои имаат антиоксидантски својства и заштитуваат од одредени видови рак.
- Исто така, целерот е добар извор на витамин А. Витаминот А и бета-каротинот се природни флавоноидни антиоксиданси. Витаминот А исто така е потребен за одржување на здравјето на слузокожата и кожата и е клучен за добриот вид. Конзумирањето храна природно богата со флавоноиди му помага на телото во заштитата од рак на белите дробови и усната празнина.
- Билката исто така е богата со голем број витамини, вклучително и фолна киселина (обезбедува 9 проценти од препорачаната дневна доза), рибофлавин, ниацин и витамин Ц – состојки кои се неопходни за одржување на доброто здравје.
- Свежиот целер е одличен извор на витамин К - обезбедува околу 25 проценти од дневно препорачаната доза. Витаминот К помага во зголемувањето на коскената маса преку поттикнување на остеотропната активност во коските. Исто така игра и значајна улога во третманот на пациентите кои страдаат од Алцхајмерова болест, преку ограничување на оштетувањето на невроните во мозокот.
- Целерот е добар извор на минерали, како што се: калиум, натриум, калциум, манган и магнезиум. Калиумот е важен дел од клеточните и телесните течности и помага во регулирањето на работата на срцето и крвниот притисок.
- Неговите лисја и семе содржат голем број есенцијални масла, вклучително и терпенини, најмногу лимонен (75 до 80 проценти) и сесквитерпени, како што се: бета-селинен и хумулен. Карактеристичниот мирис се должи на присуството на фталиди (бутилфталид и неговиот дихидро дериват, седаненолид).
- Есенцијалните масла добиени преку екстракција од целер се користат како лекови за смирување на: нервоза, остеоартритис и артритис. Дополнително, семето, стеблата и корењата имаат диуретички својства (го отстранува вишокот вода од телото преку урината), ја поттикнуваат секрецијата на млеко, а имаат и стимулирачко дејство.
Целерот има само 16 калории на 100 грама, а содржи бројни хранливи фито-материи кои се корисни за здравјето, како што се: флавоноиди, фолати, витамин А, витамин К, витамини и минерали. Според тоа, целерот ги има сите потребни карактеристики за да биде едно од најценетите нискокалорични растенија или поточно растение со негативна калориска вредност кое помага при намалување на телесната тежина.
Избор и складирање:
Целерот е достапен во продавниците во текот на целата година. Свежите стебла и лисја можат да се користат во секое време од сезоната, но за сушење треба да се отсечат 15 до 20 сантиметри од најгорниот дел, кога растението ќе започне да цвета.
Во продавниците, купувајте свежи лисја и стебла со светла зелена боја и крцкава текстура. Избегнувајте омекнати стебла или лисја со мувлија или точки.
Стеблата можат да останат свежи и до една недела во фрижидер. Завиткајте ги во хратија и ставете ги во ќеса што се затвара. Лисјата користете ги додека се свежи, за да извлечете максимум од силната арома.
Коренестиот целер е коренесто растение што наликува на репка, кое е во блиско сродство со целерот и има сличен раст и сличен изглед. Коренот се одликува со дебела лушпа со сивкасто-кафеава боја и бело, ароматично месо. Коренот е многу популарен во Велика Британија како коренест зеленчук.
Семето од целер се користи или како интегрално семе или пак мелено и измешано со сол, како сол од целер.
Употреба во кујната:
Измијте ги лисјата и стеблата со ладна вода, за да ги отстраните евентуалните остатоци од нечистотија или пестициди. За готвење се користат врвовите од лисјата, корењата и стеблата. Отстранете ги дебелите краеви од стеблата и исечкајте го целерот на помали парчиња за добро да се зготви.
За да приготвите коренест целер, поткастрете го од горната и долната страна. Излупете ја дебелата лушпа со нож. Исечкајте го на коцки или ленти и веднаш потопете го во сок од лимон или портокал, за да спречите потемнување (оксидација).
Совети за приготвување:
- Свежите лисја, корења и стебла се користат во салати и чорби.
- Целерот се користи како гарнир во бројни рецепти. Добро оди со друг зеленчук, како компири, моркови и грав, но и со пилешко месо.
- Дивиот целер се користи во алтернативната медицина за намалување на крвниот притисок, за проблеми со варењето и како антивоспалителен агенс. Се користи и како деуретик, за отстранување на вишокот вода од телото.
- Есенцијалните масла во семето, растението и коренот се користат за поттикнување на излачувањето на млеко, но и како лек за неправилното варење и проблеми со нервниот систем, како што се: главолки и иритација.
- Свежите лисја, како и корењата, се користат за приготвување супи и сосови.
Медицинска употреба:
- Исто така се тврди дека билката се покажува корисна при третманот на ревматизам и гихт.
Здравствено предупредување:
Оваа билка, а особено дивиот целер, може да предизвика сериозни анафилактични реакции кај почувствителните лица. Исто така, бремените жените треба да го избегнуваат во исхраната. Луѓето кои се на терапија од деуретици и антикоагуланти, треба да ја користат оваа билка умерено и внимателно.