Испечати

Морков

Морков

Состојки

    Природно благи, вкусни и крцкави, морковите се здрав зеленчук што можете да го додадете на својата исхрана. Овој коренест зеленчук изобилува со соединенија кои се корисни за Вашето здравје, како што се: бета-каротин, витамин А, минерали, антиоксиданси и др.

    Ботанички, овие корења припаѓаат во фамилијата apiaceae или umbelliferous, од родот daucus и се научно познати како daucus carota. Во истата фамилија, помеѓу другите, спаѓаат и растенијата: пашканат, магдонос, копар, кумин, итн. Морковите се одгледуваат низ целиот свет, поради ценетиот корен. Растението е двегодишно и расцветува во втората година од животот. Сепак, обично целото растение се отстранува од почвата прерано, кога коренот ќе достигне приближна широчина од 2,5 сантиметри и е месест и сочен.

    Морковите варираат во голема мера според бојата и формата, во зависност од сортата. Вообичаено, ориенталните моркови се долги, сплескани на горниот крај и постепено се стеснуваат кон долниот крај. Европските моркови од друга страна, имаат позаоблени краеви, со речиси цилиндрично тело. Дополнително, европските моркови имаат светла портокалова боја, за разлика од азиските сорти кои имаат нијанса поблиска до златно-жолтата боја.

    Здравствени придобивки од морковите

    • Благи и сочни, морковите се извонредно богати со антиоксиданси, витамини и растителни влакна, а содржат само 41 калорија на 100 грама, занемарливи количини масти и не содржат холестерол.
    • Морковите се исклучително богат извор на каротини и витамин А. Сто грама свежи моркови содржат 8.285 микрограма бета-каротин и 16.706 интернационални едицини витамин А. Студиите покажаа дека флавоноидните соединенија во морковите помагаат во превенцијата на ракот на кожата, белите дробови и усната празнина.
    • Каротините се претвараат во витамин А во црниот дроб. Бета-каротинот е главниот каротин кој се содржи во овие корења. Бета-каротинот е еден од моќните, природни антиоксиданси кои го штитат организмот од штетните дејства на слободните радикали. Дополнително, тој ги има и сите функции на витаминот А, меѓу кои најважни се: одржување на здравјето на очите, одржување на репродуктивното здравје (производството на сперма), одржувањето на епителниот интегритет, раст и правилен развој.
    • Морковите се богати и со полиацетилинскиот антиоксиданс фалкаринол. Научните истражувања спроведени на универзитетот Њукасл врз лабораториски животни, покажаа дека фалкаринолот од морковите може да помогне во борбата против ракот, уништувајќи ги претканцерозните клетки во туморите.
    • Свежите корења исто така содржат одредена количина витамин Ц, т.е. обезбедуваат околу 9 проценти од препорачаната дневна доза. Витаминот Ц е антиоксиданс растворлив во вода. Му помага на телото да го одржи здравјето на сврзното ткиво, забите и непцата. Неговите антиоксидански својства му помагаат на телото да се заштити од болести и рак, собирајќи ги штетните слободни радикали.
    • Овој коренест зеленчук содржи солидна количина витамини од Б-комплексот, како што се фолна киселина, витамин Б6 (пиридоксин), тиамин, пантотенска киселина, итн. Овие материи се важни затоа што служат како кофактори на ензимите во метаболичките процеси во телото.
    • Исто така, во морковите има здрава количина минерали, како што се: бакар, калциум, калиум, манган и фосфор. Калиумот е важна состојка на клетките и телесните течности и помага при контролата на ритамот на срцето, преку поништување на ефектите од натриумот. Манганот се користи од телото како кофактор за антиоксиданскиот ензим супероксид дисмутас.

    Избор и складирање

    Свежите моркови се достапни во текот на целата година. При купување, барајте млади, кревки моркови со светла боја на коренот и добра цврстина. Избегнувајте ги омекнатите корења, со засеци или мувла. Исто така, избегнувајте ги особено големите корења, затоа што тие се обично презреани и не се особено пријатни за јадење.

    Претераната изложеност на сончева светлина на корењата над земјата може да резултира со појава на зеленкаста боја при врвот, како последица на натрупувањето на хлорофилните фотопигменти. Иако ова не мора значително да влијае врз здравјето на морковот, секако ќе го наруши благиот вкус на коренот. Разделените или извртени моркови се индикација за одредени инфекции или пак прегусто засадување.

    Штом ќе дојдете дома, измијте ги морковите темелно со вода за да ја отстраните правта, почвата или пестицидите. Обично, лиснатиот дел над коренот се поткаструва и морковите се чуваат во одделот за зеленчук во фрижидер, каде што можат да останат во добра состојба од една до две недели. За да ја одржите виталноста на морковите, подесете ја температурата на фрижидерот под 1,5 степени и влажноста на високо ниво.

    Употреба во кујната

    Измијте ги моркови темелно пред употреба. Поткастрете ги двата краја. Нежно изгребете ја надворешената обвивка и помалите, влакнести коренчиња. Помладите корења имаа крцкав, пријатен и богат вкус. Живите моркови се природно благи и сочни, сепак, варењето во жешка вода неколку минути ќе го збогати нивниот вкус и ќе го засили дејството на хранливите материи.

    Совети за приготвување:

    • Свежите, живи моркови можат да се јадат како што се, но и да се користат при подготовката на салати од зеленчук, но и од овошје.
    • Парчињата морков, заедно со други коренести зеленчуци, како што се репка, цвекло, но и со домати, келераба и зелени зеленчуци можат да се користат за приготвување на мешани салати.
    • Сокот од моркови е освежителен пијалак, кој можете да го пиете чист или како коктел со овошни сокови.
    • Морковите одат добро со зеленчук, како: боранија, компири, грашок; во голем број рецепти, барени, со кари или пак запржени.
    • Вкусното благо јадење „гааџар халва“ во Југоисточна Азија се приготвува со рендани моркови, бадеми, кашу, ф’стаци, путер, шеќер и млеко.
    • Корењата исто така се користат и за приготвување торти, пудинг, супи, чорби, итн.
    • Исто така, морковите се користат и за приготвување здрава бебешка храна.