Полека, полека....мноогу полека…еве и јас стигнав до мојот прв јубилеј.
Што да кажам, освен дека навистина сум среќна и благодарна што постои оваа страница, што имам можност да бидам дел од неа и тука да ја споделам мојата љубов кон готвењето и фотографијата.
Ви се заблагодарувам на сите за оваа прекрасна дружба и еве за мојот скромен, прв јубилеј да ве почестам со една чоколадна тортичка.

Подготовка

1. За подготовка на корите најпрво се одделуваат жолчките од белките.
2. Се мати путерот и маслото со шеќерот за да се добие кремаста смеса, па се додаваат жолчките една по една цело време со матење.
3. Настрана се матат белките со прстофат сол додека да се добие цврст шам.
4. Се мешаат брашното, густинот и пецивото и се просејуваат. Внимателно се додаваат кон кремот од путер, наизменично со млекото.
5. Се мати за да се добие еднолична смеса.
6. На крај внимателно се вмешува шамот од белки.
7. Смесата се дели на четири еднакви дела и се пече во округли калапи со пресек 20 см околу 20-тина минути на 180Ц (или согласно тоа како пече вашата рерна).
8. Испечените кори се оставаат да постојат 10 мин. а потоа се вадат од калапите на решетка и убаво се ладат.
9. Се сече отприлика ¼ од секоја кора по должина и со рака се рони на ситни трошки. Трошките се мешаат со кремот од портокал. Со оваа смеса се филуваат три кори и се ставаат една врз друга. Четвртата, најодозгора не се филува со кремот.
10. Рецепт за кремот од портокал имате на следниот линк.
11. Колачот убаво се завиткува во фолија и се остава во фрижидер преку ноќ за да се стегне кремот и убаво да се спојат корите.
12. Утредента се вади тортата од калапот, од страните и одозгора се филува со чоколадниот крем и се украсува по желба.
13. Кремот се подготвува на тој начин што најпрво се мати путерот со шеќерот во прав додека да се спојат и да се добие крем. Се додаваат останатите состојки и убаво се мати додека смесата не се изедначи.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани