Убаво се мати путерот со шеќерот, па се додава млекото, ванилата и жолчката.
Брашното и какаото се мешаат и постепено се додаваат во садот, при што се меша со најмалата брзина на миксерот или пак ако сакате со лажица или рачно.

Покријте го и оставете го во фрижидер 1 час.
Потоа се земаат делчиња со помош на лажичка и се оформуваат со раце топчиња со големина колку орев или малку помали. Доколку сакате да ги мерите на вага, тогаш отприлика едно топче да е 20 гр.

Белката се разматува со вилушка и во неа се мака секое топченце, па потоа во сечканите лешници.
Се редат во плех обложен со пек-хартија и се длабат во средината. За вдлабнатината јас користев шишенце од ванила екстракт и длабев со делот на тапата.

Се печат во загреана рерна на 180 С околу 12 минути.
Печените колачиња уште еднаш додека се жешки со истиот предмет се длабат на местото кај биле издлабени, бидејќи со печењето малку ќе подизгубат од обликот.

Ви напишав два вида на филови. Експериментот со дулче де лече откако се покажа успешен, деновиве многу добро го искористив за правење на новогодишните колачи во разни варијанти за фил, па така и тука.
За тој фил потребно е да се стопи чоколадото. Јас тоа го правам во микробрановата на нецела минута, брзо и лесно оди, па го додавам кремот и враќам на половина минута, но сега садот го покривам одозгора со хартија да не допира директно. На крај се додава омекнат путерот или маргаринот и се меша убаво до компактност.
Со овој крем ги полнев колачите.

Кој нема дулче де лече, можи да го направи полнењето со карамели.
Овој фил/полнење е од изворниот рецепт на прекрасната Алики и можи да го спремите така што карамелите со павлаката исто можат најлесно да се стопат во микробрановата или на рингла над пареа.

Секоја вдлабнатина на колачињата се полни со карамелот и се остава истиот да излади, односно зацврсти.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови