Правило при припрема на фануријата е да биди посна и да содржи 9 состојки.
Иако има многу рецепти на интернет за тоа како се прави фанурија - нема строго правило во однос на состојките освен она дека треба да бидат 9 посни состојки и дека треба да биде направена со љубов и со молитва во текот на припремата. Помолете се и замислете желба за себе и за вашето семејство.
Овој рецепт е малку збогатен со тоа што му направив и чоколадна глазура за да биди уште повкусен па во комбинација со лешниците е милина.
Колачот може да се направи и за време на пости.

Припрема

Се мешаат сите состојки за тестото-киселата вода, шеќерот, брашното, прашокот за пециво, какаото, маслото, половина од лешниците и циметот. Изматете со миксер за да се изедначи смесата. Истата се претурва во тркалезно тавче 28-30 број. Може да се печи на хартија за печење за потоа лесно да ја извадите и да ја префрлите на чинија за сервирање.
Се печи во загреана рерна на 150 степени околу 50 минути.
Пред крај на печењето, направете ја глазурата- еден филџан вода ставете да врие со 1 филџан шеќер. Кога ќе почне да згуснува, додадете го какаото претходно растворено во ладна вода и масло 2 лажици. Убаво мешајте додека течноста не се направи мазна без грутчиња и нека вари некое време дур не се згусни малку за да може да се нанесува полесно. Глазурата се нанесува дур е жешка и во течна состојба врз испечената фанурија. Се попрскува со останатите лешници.
Откако ќе се излади и ќе се стврдне глазурата, може да се послужи.
Нека е на здравје и да ви се исполни желбата!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови