Многу лесен и брз десерт. Многу. И превкусен :)
Може да се направи и посен да биде.
Со делот Дополнително по желба, го направи перфектен!

Во сад на оган ставете ги млекото, маслото и шеќерот да зовријат. Промешувајте за да не ви загори шеќерот ако се наталожи на дното.
Штом зоврие додадете го брашното и какаото и мешајте брзо или ако сте ултра фенси изматете со миксер да се изедначи.

Едноставната варијанта е да се сипе во плех, да се натапкува со навлажнети дланки со вода и да се остави да се олади. Се лади за 15-20 мин и се сече на коцки.
По совет на Ива(готвач на странава), можете да сечете со решетката од рерна. Ставете ја над плехот и мрежичките нека ви бидат мерка.

Јас правев дел во силиконски калапчиња, со мало лажиче ги полнев калапчињата. Но доколку работите вака ќе треба да работите брзо за да не се олади смесата. Не знам дали ако повторно се загрее ќе омекне доволно за да може да се работи пак.

Ова е основниот рецепт за алвата. Јас додадов крупно сецкани пржени и солени кикирики. Такви најдов и супер се вклопија.
Додадов и мелени кори од кандиран портокал (аранчини) кои ги приготвувам по рецептот на Лиле.
Додадов и ванилин шеќер.
Кикириките, ванилиниот шеќер и мелените аранчини ги додадов на крај, кога завршив со матење, промешав за да се изедначи и почнав со полнење на калапчињата.
Половина од смесата беше во калапчиња, половина во тавче постелено со хартија за печење.

Во алвата можете да додадете и суви вишни, брусница за освежување на вкусот.

Во делото дополнително по желба може да го додадам фактот дека не мешав и дека шеќерот карамелизираше. Од мала грешка и невнимание, магија се направи :)
Ако се користи маргарин и вода место млеко, мислам дека и посен би бил преубав рецепт :)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани