Ги видов на една од многубројните ФБ страници за храна и ми фатија око од прва!
Му се враќав на рецептот неколку пати синоќа и денес после тренинг отидов да купам свеж карфиол.
И еве ги, вкусни, ароматични, здрави. Единствена маана им е што од оваа смеса излегуваат толку малку, а дома имате едно чудо гладни очи!

Прво, исчистете го карфиолот од зелените листови и отстранете ги евентуалните поцрнети делови на цветовите на карфиолот, а потоа разделете го на поголеми цветови. Сега, цветовите измијте ги под млаз вода. На крупно ренде, изрендајте ги цветовите од карфиол, без дршките. Нив не ги фрлајте, од нив се прави супер вкусно пире од карфиол! На ренданиот карфиол, додадете му 1/2 лажиче сол, промешајте и оставете го најмалку 20 минути, додека карфиолот не пушти вода.

Потоа, земете една кујнска крпа и во неа претурете го ренданиот карфиол и карфиолот смотајте го со крпата како топче. Смотулчето со карфиол, сега почнете да го вртите, како кога завиткувате/одвиткувате бомбона, стискајќи го карфиолот, за да се исцеди што поголема количина на вода од истиот. Кога добро ќе го исцедите, префрлете го карфиолот во пригоден сад и додадете ги зачините, маслото, пармезанот и јајцата.

Со шпатула добро измешајте ја смесата, за да се соединат состојките. На превртен плех од рерна, ставете парче хартија за печење. На хартијата обликувајте правоаголни тенки крокети. Печете ги во претходно загреана рерна на 200 Ц, некои си 30 – 40 минути или додека не станат златно кафени. Јас имам мини рерна која има отворени греачи, па потребното време за овие крокети беше 25 минути.

Од оваа смеса ми излегоа 6 крокети плус едно мини крокетче. Совршени се за грицкање, во комбинација со сос од кисела павлака, сенф и малку копар. Следниот пат, ќе ја утростручам смесата, бидејќи вредат за секое залаче!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови