Сум сретнала и пробала многу рецепти за овој превкусен десерт, но откако го најдов овој кој е вистински погодок се одомаќини кај нас. Рецептот беше објавен во една наша локална група, малку јас со тек на време си го изменив. Многу и сум благодарна на членката, чинам Јасминка се викаше.

Најпрво се матат белките со прстофат сол, кога ќе се направи снег се додава шеќерот и ванилата на неколку пати. Се мати додека се стопи шеќерот, се додаваат жолчките една по една, матејќи со миксерот на најсилно. Потоа се додава просеаното брашно, помешано со пецивото, на неколку пати, матејќи на средна брзина.

Се излева во плех 32×39 цм. намачкан со масло и побрашнет или на хартија.

Се печи во загреана рерна 5 мин. на 200, тоа е загревањето, а после се става и се намалува на 180 и се печи 25-30 мин. зависно од рерната како печи, без пуштање вентилатор.

Кога е печен, се остава малку да подолади. Јас го вадам од плехот, таа коричка што ја фаќа одоздола ја вадам, плехот го мијам и во чист и сув го враќам кексот. Го боцкам со вилушка на повеќе места.

Во подлабок сад за преливот се мешаат слатката павлака, млеко и кондезираното млеко. Се мешаат трите млека и со кутлача се полева кексот, постепено. Млеката се ладни, а кексот треба да е млак.
Се остава така најмалку 2 часа, покриено, убаво да се впие течноста, а после се сечи на коцки и се премачкува со карамелот.

Карамелот се истура во еден сад и се додава постепено, со мешање со лажица, топла вода до пола шоља да се разреди и полесно да се мачка. Се премачкува и готово...
Сладете се!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови