Уште од порано сакав да ја правам тортата Бела Рада, но за неа треба да се пече кора која ќе се филува и ќе се витка во ролат, па печењето ми ја одвраќаше идејата да ја направам таа торта. Затоа таа торта да ја направам со готовите ролати на Винчини беше полн погодок, без печење и без мака до голема и вкусна торта.
Најпрво го подготвуваме филот. Ставаме на оган 500 мл. млеко да зоврие, па се додава чоколадата за готвење да се растопи. Се трга од оган и се додаваат мелените бисквити и мелените ореви. Вака подготвениот фил се трга на страна да олади, а во меѓувреме ги мешаме маргаринот (кој претходно бил на собна температура и сега е омекнат и лесно се изработува) и 100 гр. шеќер во прах. Изматениот маргарин со шеќерот го истураме во предходно оладениот фил од бисквити и ореви. Со тоа го добиваме филот за оваа торта цвет.
Прво го сечеме еден од ролатите со бела кора на парчиња со дебелина од отприлика 1 см. Го редиме на даска за торта во форма на цвет , како што е прикажано на сликите подолу. Нанесуваме од филот, потоа го сечеме на парчиња ролатот со црна кора, ги нанесуваме врз филот, паралелно на парчињата од првиот ред. После ролатчињата со црна кора пак нанесуваме фил. На крај е третиот ролат со бела кора исто се сече на парчиња и се редат исто како предходните. Тортата се премачкува, филува со остатокот од филот.
За декорација јас изматив една шлаг пена со 150 мл. млеко, и еден шлаг крем од чоколадо со 100 мл. млеко.
Брзо и лесно до вкусна торта, топло Ви ја препорачувам на сите оние кои несакаат да трошат многу време во кујна а сакаат да направат вкусна торта.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови