Кремаста, пенаста торта која наликува, а и по вкус е слична на чизкејк. Подлогата совршена, густа ама не цврста, вкусна, и одлично се вклопи со кремот. Оваа торта подготвена со јогурт, навистина изненадува со својот вкус така да нескромно ја претставив како моја роденденска торта.

Подготовка
1. Во дел од млекото (100 мл) го раствораме прашокот за пудинг и густинот. Шеќерот и остатокот од млекото ги ставаме да започнат да вријат. Во млекото ја додаваме смесата од пудинг и мешаме додека да се згусне. Ја тргаме на страна го додаваме путерот и мешаме додека да се растопи. Оставме да излади, а за тоа време ги мелеме бисквитите.
Откако се изладила смесата ги додаваме кокосовото брашно и бисквитите и соединуваме.
2. Во тавче со обрач бр. 24 премачкано со путер ја распоредуваме и измазнуваме пудинг смесата, ја ставаме во фрижидер.
3. Желатинот го растопуваме во 50-60 мл вода. Слатката павлака ја матиме.
4. Јагодите ги мелеме во нутрибулет и ги промешуваме во јогуртот.
5. Во тенџере ги ставаме шеќерот и водата и кога ќе почне смесата да врие ја оставаме така 2 минути. Ја тргаме на страна, го ставаме растопениот желатин и матиме со миксер околу 10 минути, односно додека смесата да побели и згусне. Оваа смеса ја истураме во смесата со јогурт и продолжуваме да матиме до соединување.
6. Смесата ја делиме на два дела. Првиот дел го истураме врз подлогата од пудинг и тавчето го ставаме во замрзнувач за да побрзо ни се стегне.
7. Во вториот дел од оваа шлаг-јогурт-пенаста смеса ставаме прехрамбена боја за да ни се разликуваат слоевите. Матиме со миксер до соединување.
8. Откако смесата се стегнала го ставаме и розевиот втор дел.
9. Тортата ја ставаме во фрижидер, додека да се стегне филот. Внимателно го отстрануваме обрачот.
Украсуваме со јагоди и листови нане или по желба. Уживајте !

Забелешка
Оваа торта најдобро е да се подготви навечер за да може да се стегне филот.
Во тавче со обрач со дијаметар 24 см, не ја собира целата торта со оваа количина на состојки. Јас импровизирав на тој начин што откако ми се стегна подлогата од пудинг, со помош на пластифицирана хартија направив дополнителен обрач повисок од тавчето, па ги ставив останатите два дела фил.
Затоа ви препорачувам да ја правите во поголемо тавче пример во бр.26 или 28, со тоа што нема да ви излезе волку висока како мојава.
Смесата со шербет и желатин треба да ни се измиксира во густа бела пена, како густ шлаг, односно како кога се прават крем банани (ако некој има такво искуство, ако го има правено тој рецепт).
Откако ќе го ставиме првиот дел од јогурт смесата, тортата ја ставаме во фрижидер онолку време колку што е потребно за да се стегне и вториот дел од филот се истури над првиот, а да не пропадне врз него. Односно околу ½ час, а за тоа време вториот фил ставете го во обичен ладилник.
Пред да го отстраните обрачот, поминете со нож помеѓу тортата и страниците на обрачот од тавчето.
Ако ви е јогуртот со вкус на јагоди не мора да додавате јагоди. Ако сметате дека е премногу слатка за ваш вкус намалете во шеќер,нам ни беше таман.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани