1. Најпрво спанаќот убаво се чисти, мие, се сечка и се остава да се цеди.
2. Исечканиот кромид и измиениот ориз се запржуваат во тава внимавајќи да не се залепи оризот.
3. Се пушта рерната да се загрее на 220 степени. Во тавата постепено по малку се додава исчистениот спанаќ и се пржи додека да омекне. Се додава мешаниот сув зачин, па црвениот пипер кој се запржува кратко да не изгори, се додава топла вода да го покрие спанаќот, се меша и се остава да крчка малку.
4. Тавата се става во загреаната рерна и по 15-тина минути термостатот се намалува на 200 степени. По потреба повремено се промешува и штом оризот ќе се свари, тавата се вади од рерната, јајцата се кршат одозгора цели (јас ставив 5 но тоа е произволно), и се допекува додека да се испечат јајцата.

Ова е омилено јадење на мојот татко, иако да бидам искрена јас ретко го правам вака со јајца, бидејќи децата не сакаат спанаќот да е со јајца. Инаку ова е едно јадење кое е често присутно на прилепските трпези. Со кисело млеко, суво луто пиперче, топло лепче .... што да кажам ... мераци ...
Јадењево го поставив чисто за потсетување, а можеби ќе биде поттик за некоја млада домаќинка да го подготви. Ако ги изоставите јајцата си добивате посна верзија. И не заборавајте, ако евентуално ви остане од спанаќот, НЕ го притоплувајте, дојадете го ладен. На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани