1. Најнапред се подготвува варовата вода. 500 гр. вар се раствора во 4 литри чиста вода, убаво се промешува и се остава да отстои 12 часа (преку ноќ), за да се наталожи варот. Поентата на варовата вода е да ја создаде онаа крцкава коричка на коцкичките тиква, која е еден вид штит на прекрасниот вкус на слаткото.
2. Следниот ден, откако ќе се избистри варовата вода, се црпи со длабок сад од неа и се истура во кофата каде што е исечената тиква. Водата треба да ја покрие тиквата. Така се остава да отстои 5 часа.
3. По 5 часа, се цеди тиквата од варовата вода и се мие 5-6 пати во 5-6 води, секој пат во нова вода, по што треба убаво да се исцеди.
4. Во големо и длабоко тенџере за подготовка на зимница, се става шеќерот и 3 литри чиста вода.
5. Се остава да се истопи шеќерот во водата со повремено мешање, да стане шербет, тоа трае некаде околу 20-30 минути, зашто се работи за голема количина, некаде и повеќе, во зависност од температурата на која што се вари.
6. Откако шербетот е готов, во тенџерето се додава претходно подготвената тиква и лимонтусот.
7. После ова, го оставаме слаткото да се вари самото 2 часа и 30 минути. Нема потреба од мешање, само е потребно благо притискање на коцкичките тиква надолу кон шербетот. Тиквата ќе добие кадифено портокалова боја.
8. Кога слаткото е варено, се трга на страна, се покрива со крпа и се остава да се излади 10-12 часа. Се собира во суви и чисти тегли, нема потреба да бидат топли.

Немам зборови колку е предобро слатково. Знам дека има мал милион рецепти, некои додаваат суво грозје, некои ореви, некои бадеми, лимон и портокал, но јас сметам дека ова е вистинската работа, вакво ми е совршено, само тиква и ништо повеќе. Вкусот е рајски, особено кога ќе се почувствува крцкавата слатка коричка на тиквата.
Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови