Во сезоната на јагоди, не може да се одолее да не се подготви некој вкусен рецепт со нив. Бидејќи на сите ни треба освежување на овие температури, затоа се одлучив за торта која не се пече и ќе има вкусен сладолед фил.

1. Бисквитите заедно со тостираните бадеми се ставаат во сецко и ситно се мелат. Кон смесата се додава растопениот путер и се заедно се меша. Може да се додаде и сок од лимон, зависно колку ќе ви впијат бисквитите.
2. Смесата се префрла во калап за торта бр. 26, со страници што се отстрануваат. Убаво се натапкува и израмнува смесата.
3. Филот се подготвува едноставно. Шлаг кремот се мати со кисела вода (може и со обична ладна вода). Намерно користев вода за матење на шлаг, да не дојде премногу масно во комбинација со кондензираното млеко.
4. Кон шлагот се додава кајмакот и убаво се мати. Потоа постепено се додава и кондензираното млеко и ќе добиете многу убава густа смеса. Тука во оваа фаза увидев дека не ми е доволно благ филот, па додадов и шеќер во прав и смесата се направи уште поцврста со матење.
5. На крај додадов кора од лимон и арома ванила, да даде свежина на филот.

Редење на тортата
1. На бисквитниот слој се редат јагодите. Странично се редат половинки од јаготки, а на средина јас наредив во неколку круга, вие ако сакате може да ја исполните и целата површина со јагоди, но така ќе ви требаат повеќе од 500 гр.
2. Пополека врз јагодите се излева филот и неколку пати се натапкува смесата, за да филот навлезе меѓу јаготките и се пополнат празнините.
3. На крај декорирајте по избор!

Тортата оставете ја 3-4 часа во фрижидер за длабоко, убаво да се олади и стегне и потоа е спремна за дегустација.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови