Како што кажува самиот наслов, оваа солена торта е всушност ништо повеќе туку сендвич, само убаво украсен со помош на малку умешност. Можностите за измени во составот се бесконечни, а украсувањето е моментална инспирација и одраз на вашата способност и креативност во кујната – намазот нека ви биде како платно на кое вие како уметник може да креирате најразлични помали или поголеми уметнички дела...
Јас ја подготвив набрзина и со она што веќе го имав дома ама излезе за мерак. Во состојките напишав она што јас искористив при подготовката, но вие се разбира може да ја подготвите со сосема поинакви комбинации од други производи.

Подготовката е и брза и лесна.
Одберете леб со мека кора за да не мора да ги сечете корките. Јас одбрав ’ржано тост лепче. Редиме парчиња леб на чинија онолку колку што сакате да ви биде голема тортата. Јас ја правев со три парчиња наредени по должина. Павлаката ја размешав со малку маслиново масло за да стане кремава и лесна за мачкање. Замислете вкусот малку се смени и наликуваше како да имам додадено мајонез! Мачкаме од павлаката (или друг намаз) врз лепчињата, па одозгора редиме тенки парчиња кашкавал и салама, кругчиња свежа краставица, кругчиња варено јајце и ставаме повторно само малку павлака колку да се залепи горното лепче за да не „бега“. Потоа нагоре повторуваме во уште еден или два реда во зависност од тоа колку сакаме да биде висока. Јас ја направив во три слоја. На крај завршете со лепче. Премачкајте ја цела со павлака и одозгора украсете по ваша желба и замисла.

Совет плус:
Оставете ја барем еден час во фрижидер за да може малку да се стегне и да се „залепи“. Ние не дочекавме и веднаш ја пресеков, па парчињата се раздвојуваа и беше мачно да се исече убаво парче – ова парче во дополнителните фотографии е најдоброто што успеав да го пресечам. Сигурна сум дека откако ќе пушти павлаката и малку ќе го навлажни лепчето, плус на ладното ќе се стегне целата ќе биде многу полесно сечењето.

Нека ви е на здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови