Оваа сарма секогаш ни се наоѓа на нашата Новогодишна трпеза и секогаш на шала си ја кажуваме дека е сарма со „лампиони“, а во случајов тоа е сланината хахаха
Мојата мајка овој рецепт го има научено од баба ми и дома сме си навикнати на оваа прекрасна вкусна сарма и за ништо не би го менувале рецептот. Целата финта во правењето сарма е користењето на убава домашна зелка во расолница, како и користењето на јувата при готвењето.
Секоја година си ставаме пред време во мало буренце по неколку зелки, за да кога ќе дојдат вакви поладни денови, се нагостиме на вкусна сарма, без да чекаме Нова Година.

1. Празот ситно се сецка и се пржи на свинска маст.
2. Потоа се додава месото и се продолжува да се пржи.
3. Во прженото месо се додава ориз и се меша, а потоа се додаваат и зачините и убаво се промешува и се трга од оган.
4. Од зелката се двојат убави листови за сарма. Големите се сечат на два дела, а од малите се корсити еден цел лист. Потоа се мотаат сарми со подготвениот фил.
5. На дното од тенџерето се става сецкана зелка, колку да се покрие дното.
6. Замотаните сарми се редат врз исецканата зелка.
7. Откако ќе го исполните првиот ред, се реди еден слој сланина и обилно се наросува со црн бибер. Постапката се повторува додека да се потроши зелката и филот.
8. Врз послениот слој се редат листови зелка во еден слој, за да се покрие сармата.
9. Се прелева со загреана јува (расолница) за да ја покрие целата сарма.
10. Се става на тивок оган да се вари 2 до 2 и пол саати. Во текот на варењето ако нема доволно течност, се додава од расолницата.
11. Откако ќе се свари сармата, горниот слој од листови се трга и се става во рерна да се потпече на 200 степени, околу 15-20 мин, односно додека да се запече горниот слој.
12. На крај се става запршка од загреано масло 50 мл и 1 лажичка црвен пипер и се посипува врз сармата.
13. Се враќа во исклучената рерна и се остава да се стиши, а не да се пече.

На фотографијата дел од сармите изгледаат како изгорени од печење, но тоа е вкушност слој од запршката со црвен пипер, која се става на крај. Мене баш тие сармички од горниот слој ми се омилени!

Се послужува со вкусен домашен леб и макало со праз, суви пиперки и доматен сос. 

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови