Не е ништо ново овој обланда ролат. Ова е само еден фин начин набрзина да ги „зачистите“ пакетчињата од под елката и наместо со купче благи работи што ќе завршат во вашето или мешето на вашите малечки, да си имате вкусни ролатчиња кои лесно може да се замрзнат и да си имате готови колачиња за ненајавени гости...
Постапката е толку лесна што нема ни потреба да ја објаснувам, но ете – нека ја има.
Наполитанките, ресаната и бисквитите измелете ги во блендер. Ставете ги во длабок сад и измешајте. Млекото, чоколадите (искршени на коцки) и маслиновото масло ставете ги во тенџерче или ѓезве и загревајте, дури да се растопат коцките чоколадо. Прелејте ја мешавината од наполитанки, бисквити и ресани со добиеното „чоколадно млеко“ и убаво измешајте да се соедини. Додајте го и румот. Оставете ја кратко смесата (околу 5-10 минути) за да видите колку од течноста ќе ви се апсорбира. Треба да остане смесата доволно густа да не се растекува, но да не е сува за да може убаво да се размачкува врз обландата. Доколку од некоја причина смесата ви остане ретка, може да додадете бисквити, какао, кокос...било што што ќе ја апсорбира влагата, а доколку имате проблем со сува смеса додадете уште млеко, топено чоколадо, сок од портокал...Инаку може да користите буквално било какви производи т.е. она што ќе ви се „падне“ да имате во пакетчињата, хаха. Јас овој пат искористив Милка со кикирики и едно полу црно чоколадо, наполитанки со млечен крем, плус една мала чоколадирана, ресаната – стандардна со портокал. Исто наместо маслиново масло може да ставите путер или кокосово масло, наместо обично млеко може да користите кокосово, оризово бадемово...
За оние што не правеле обланда ролат
ставете мокра крпа на работната маса па лист обланда, па мокра крпа, па лист обланда и најгоре мокра крпа. Оставете ги така додека не омекнат доволно за да може да се завитка ролатот. Потоа мачкаме од филот врз страната со крупни коцки за да може во нив да се задржи убаво филот и виткаме ролат. Доколку сакате да добиете ситни колачи може од еден лист обланда да ги виткате ролатите, во спротивно ставете два или три листа за да добиете подебел ролат. Мојот е правен со два листа обланда.
На крај завиткајте ги ролатите во фолија (најлонска или алуминиумска) и слободно замрзнете ги. Многу малку кога ќе се отпуштат веднаш сечете ги за да остане убава формата на парчињата, па потоа оставете ги да се доодмрзнат наредени во чинија.

Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови