Видов дека веќе има некои слични салатки меѓу постариве рецепти, но еве нека стои и мојава варијанта...Толку е вкусно и свежо што кај нас поминува и како салата и како дел од летен ручек.

Да не должам многу, ова е начинот на подготовка..

Тиквичките ги сечкаме на тркалца (може и надолжно, но сметам дека на тркалца е попрактично заради служење) и ги ставаме на хартија за печење со малку сол, бибер и маслиново масло да се испечат во рерна. Јас обично ги пуштам на појако и со вентилатор и за 15-тина минути се готови. Ги вадиме и чекаме неколку минутки да се подизладат (заради павлаката – да не ја растечнат ако се врели). За тоа време приготвиме магдонос и лукче и потоа редиме - едниот начин е класика (како што тоа сум го гледала од моите дома кога ја правеле) да ги исецкате ситно магдоносот и лукчето и да редите ред тиквички па да наросите со лукче и магдонос и да намачкате павлака и одново исто, се додека имате ‘мастраф’, со тоа што најубаво е да се заврши со павлака за да биде убаво за служење.
Вториот начин (односно мојот начин) е следниот:
во блендер ставаме лук, магдонос, зачинче (на пример оригано или што си сакате по ваш вкус), маслиново масло и една - две лажици павлака, па блендираме додека не се иситни и соедини како сос. Потоа постапката е иста - редиме тиквици, па мачкаме од ароматичното сосче, па павлака и пак исто, се додека имаме ‘мастраф’.
Најубаво е да се послужи откако добро ќе се излади неколку часа во фрижидер.

Добар апетит!

Дополнителен совет
Доколку направите повеќе тиквички можете да ги редите во два различни сада, па едните да ги направите со лукче, магдонос и павлака а другите со лукче, магдонос и оцет – за многу кратко време имате две готови одлични салатки.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови