Денес полнам 41 година. Велат дека четириесеттите се најдобрите години за една жена. Па, ако судиме по нештата и животните перипетии кои што ме следеа цела година и не баш. Но, по природа оптимист, сакам да верувам дека ова е навистина еден од најубавите периоди во животот. Оптимистично!

Ова е мојот брз роденденски ручек, без многу керефеки. Она што оваа класика од похувани свински шницли, ја прави интересна е самата смеса за похување. За заокружување на гастро уживањето, тука е и сосот од павлака за готвење и путерот од кикирики, кој совршено го надополнува орашастиот вкус на похот од месото.

Шницлите се тенчат со чук за месо, се зачинуваат и се оставаат едно 30 минути во фрижидер. Потоа, секоја шницла се валка во малку брашно, матено јајце (во кое има сол или сув зачин) и на крај во мелени бадеми. Се печат во плех од рерна, на хартија за печење, која е благо намастена со масло.

За прилог имаме печен карфиол исто така печен во рерна, врз кој прелеваме сос од путер од кикирики. Сосот го подготвуваме, така што во еден сад ја ставаме неутралната павлака за готвење, додаваме путер од кикирики и чекаме да зоврие, непрестајно мешајќи го сосот со жица за матење. Кога путерот од кикирики ќе се растопи, вкусот го дотеруваме со зачини по избор и со него го прелеваме печениот карфиол.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови