Рецептов е од една вујна на мојот сопруг. Толку е убав, што еве 20 години ги правам, ниту еднаш не ми се расипале, иако знаеме дека парените десерти со готови кори се деликатни.

Најпрво го вариме шербетот. Го зовриваме две три минути и го оставаме на ладно, сосема да се излади. Во лето дури го ставам во фрижидер, а зимово може на тераса или во ладна просторија во домот. Значи да ни биде сосема изладен. Пред да го ладиме тураме ванила, да се растопи.

За филот го зовриваме шеќерот и водата, го тураме гризот разматен со ладна вода за да не ни останат грутки. Штом се свари и згусни гризот, уште додека е врел го ставаме чоколадото да се растопи, па оревите и сувото грозје. Оставаме да се подизлади колку да можеме да го работиме.

Корите ги отвораме и еднаш ги пресекуваме по должина на половина, значи од една кора да добиеме две.

Ги работиме едно по едно парче. Земаме половинката кора, ја намрсуваме, ја здиплуваме по должина на три пати, пак намрсуваме, на долниот крај ставаме едно лажиче фил и ја виткаме тригоната. Јас така им го имам земено редот што ги виткам сите во десетина минути. Ако корите се потанки, од еден килограм излегуваат и до 80 парчиња. Се разбира ќе бидат помалечки, ако сакате поголеми тогаш постапката ја правите со цела кора, а не со половинка.

Ги редиме во плех и ги печеме 40 до 50 минути на 200 степени, за убаво да извријат и да се вцрват од сите страни.

Кога се готови, ги вадиме од рерна и ги оставаме да се подизладат.

Ги потураме со ладен шербет.

НАПОМЕНА Тригоните млаки - топли, шербетот ладен од фрижидер.

Од време на време ги превртуваме во шербетот од сите страни да впијат. Колку повеќе се престојани, толку се повкусни. Кората е крцкава, а не мека како крпа.

На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови