Една вкусна и лесна тортичка, во посно издание секако. Да не е само веган и сирово. Се надевам ќе ви се допадне.
Користам кокосово млеко поради тоа што е доста густо и дава убав кремаст изглед. Тука има и кокосов крем, кој во последно време не сум го видела по маркетиве. Имав дома една лименка од претходниот пост, па ја искористив. Инаку може и само со кокосово млеко. Имате дополнително слики да видите како изгледаат. Кокосовиот крем на собна температура е малку погуст од млекото, а ако го ставите во фрижидер добива конзистенција на павлака.

1. За тестото во еден сад ставете ги сите суви состојки и убаво промешајте. Постепено додавајте од течноста и мешајте со лажица да добиете смеса со средна густина. На крај во содата додадете ја киселината и вмешајте во садот.
Количинава е релативно голема. Печев во плех од шпорет, но извадив 3 кори со димензии од 18см. Остатокот од тестото го искористив за бомбици. Значи доколку имате калап од 18см, ќе мора да ја намалите малку количината.
Се пече во претходно загреана рерна на 220С, кога ќе ставите се намалува на 190С. Околу 15-20 мин. (ќе проверите со чепкалка)

2. За кремот ставете поголем дел од млекото и кремот во сад на оган, додадете го шеќерот и ванилата и оставете да дојде до вриење. Во остатокот растворете го густинот и додадете го во садот. Мешајте додека смесата не се згусне (исто како класичен пудинг). Тргнете од оган и додадете ги оревите. Промешајте и оставете да се лади покриено со фолија за да не се фати коричка. Кремот ќе ви делува течен, но со ладење се стврднува, без гајле.

Кремот не го матете со миксер, ќе се направат грутки, промешајте со лажица.

3. Карамелизирани ореви веќе правевме, но еве уште еднаш. Во сад на оган ставете го шеќерот, водата и сокот од лимон и оставете да зоврие и да се стопи шеќерот. Кога ќе се стопи додадете ги целите ореви, намалете на тивко и покријте со капак, Повремено промешувајте и внимавајте да не загори. Кога ќе карамелизира шеќерот тргнете од оган и извадете ги на силиконска подлога или намрсена алу фолија, да се ладат.

4. Ајде сега да ја составиме тортава =) ... Јас користев мало тенџере со дијаметар 18см, па според него ги извадив и корите. Ако имате калап уште поубаво, а ако знаете каде може да најдам мали калапи со прстен пишете во коментар =)))
Тестата треба да бидат изладени, а кремот млак до топол.
Ставете една кора, попрскајте со малку сок од портокал, нанесете крем, па половина од карамелизираните ореви претходно крупно исецкани. Повторно кора, сок од портокал, крем, ореви и завршете со последната кора. Ставете ја тортата во фрижидер да се стегне.

Ќе ви остане крем за да ја премачкате и целосно.
Како што напоменав кремот не е баш со онаа кремаста конзистенција, па така доколку премногу ви се стврдне загрејте го малку. Премачкувањето од надвор е исто малку потешко, па правете го со раце (исто како да си играте на плажа со песок) =)))
Украсете со цели јатки ореви и уживајте =)

*Избегнувам да пишувам реферати, ама морав се да опфатам (и добри и лоши страни околу подготовкава).

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани