Со младунче број 2 се договоривме да почнеме да правиме седмични менија за ручеците. Не дека многу се придржуваме кон реченото, ама не е до нас. Ги видов во еден од локалните маркети и си велам, „па добро, денес не мора риба, ќе правам лигњи вулгарис и овие пливаат па нема многу да одскокнеме од планираното мени„
Меѓутоа, кога се одмрзнаа, се фатив за глава, затоа што во пакувањето од 500 гр лигњи, имаше 5 џиновски лигњи!
Значи, од нив лигња вулгарис, не ме бендисува, па се сетив на еден стар рецепт од еден ресторан во Зеница, каде што постојано ги нарачував, се’ додека не ги симнаа од менито. Лигњи „Лапуд„. И еве ги, во понешто изменето издание, но сепак ме вратија во едни убави времиња. Па еве, да го споделам рецептов и со вас.

Ако користите замрзнати лигњи, оставете ги во фрижидер да се одмрзнат. Кога ќе се одмрзнат, во случај да не се исчистени, прво морате да ги исчистите и добро да проверите дали во краците им останал забот, кој што знае да биде незгоден ако се лапне! Измијте ги под млаз вода и оставете ги во некој сад, додека го подготвувате полнењето.
На ситни коцки, исечкајте го трапистот или некое друго жолто сирење, а истото направете го и со шунката од мисиркини гради. Во рецептот е наведена оквирна количина на шунка и жолто сирење, а таа зависи од големината на лигњите. Подобро да исечкате помалку, па ако има потреба да додадете, отколку да ви останува мастраф.
Напомена: во оригиналниот рецепт, наместо шунка се става ситно сецкан пршут, меѓутоа ние се држиме до помалку калорични намирници, па пршутот го заменив со нешто полесно и помалку калорично. Што ќе ставите вие, до вас е.
Лигњите се полнат со сечканите шунка и жолто сирење, но не до крајот. Се остава отприлика еден прст празно (ако лигњите се големи) или пола прст (ако лигњите се помали). Ова се прави затоа што лигњите при пржењето ќе се соберат и ќе се надуваат, па може да се случи да пукнат и да ви се исцеди полнежот.
Наполнетите лигњи се затвараат со чепкалка и се редат во подлабок сад во кој има маслиново масло. Додадете ги и краците во садот, ги пржиме и нив!
Се поклопуваат со капак, се ставаат на рингла, на средно јака температура и се пржат додека не поруменат, со повремено превртување додека не добијат црвенкаста боја.

За преливот, лукот се сецка на многу ситни коцкички, се додава сол, сок од лимон, ладно цедено маслиново масло и магдонос. Со оваа мешавина се прелеваат печените лигњи и барениот спанаќ или блитва.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови