Лесно и брзо се прават, а уште побрзо се јадат!
Ми останаа уште едно чудо свежи шампињони по дома и за да не ми се влечкаат со денови по фрижидер, решив да ги спремам за вечера. Како што забележавте, количините се дадени произволно, односно рецептов е повеќе како идеја за брз и едноставно приготвен оброк.

Иако по правило печурките не се мијат, туку се четкаат со сува четка, јас сепак не можам да се натерам да не ги измијам, пред да почнам да ги подготвувам. Значи ги измив и им ги извадив дршките.

Во плех од рерна, обложен со хартија за печење се става малку масло за јадење и се размачкува по хартијата. Шампињоните се редат и секој од нив се полни со претходно подготвениот фил.

За филот, во сецко ситно се мелат гаудата или некое друго полутврдо жолто сирење и сувата печеница. Со овој фил се полнат печурките и се посолуваат одозгора.

Се печат во претходно загреана рерна, додека не испари водата која што ќе ја пуштат во текот на печењето. Се редат на тањир и врз секој шампињон се става малку кечап. На крај се попрскуваат со мешавината од сув зачин за пица.

И толку од марифетлукот!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови