Крцкава кора, ровки од внатре. Ова е моите панцероти, кои вчера беа замена за ручек.
Најпрво, со жица за матење сматете го јајцето. Потоа, додајте го јогуртот и топлата вода и пак промешајте добро. Додајте го и маслото. Јас додадов половина сончогледово, половина маслиново масло. Додајте го квасецот и солта и шеќерот. Во овие состојки, постепено, додавајте од брашното и направете каша. Оставете ја оваа смеса, за да се активира квасецот, околу 15 до 20 мин.
Потоа, домесете со преостанатото брашно и оставете го тестото повторно да втасува околу половина час.
Откако тестото ќе се дуплира, поделете го на осум еднакви дела.
Од секој дел измесете пупка и оставете ги пупките околу десетина минути за да одморат.
Со помош на сукало, од секоја пупка развлечете долгнавеста кора. Врз кората премачкајте со кечап, ставете парчиња кашкавал, шунка и печурки и преклопете ги прво краевите по должина, а потоа преклопете и од едната и другата страна, да изгледа како плик (види слики).
Во тенџере на оган, налејте вода и додадете шеќер. Додека водата се загрева, измешајте ги презлата, сусамот, ориганото и босилекот во еден сад. Откако водата ќе зоврие, во неа едно по едно, додавајте ги парчињата панцероти. Откако, парчето ќе исплива, нагоре, (негде по пола минута) извадете го, и ставете го на плех, на кој претходно сте ставиле хартија за печење. Со нож, засечете ги панцеротите на неколку места. Од горе, секое парче посипете го со смесата од презла и сусам и врз секое парче, ставете неколку мали коцки путер или маргарин.
Загрејте ја рерната на 200степени и потоа печете ги панцеротите околу 20 минути или додека не заруменат.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови